Селото зазема амфитеатрална положба. Сместено е на падините на брдото Тромеѓа, како и во една сува долина. Мештаните со вода за пиење се снабдувале од пет чешми, кои со вода се снабдуваат од изворот Шумљаковац, северозападно од селото. Во атарот на селото постојат и други извори на вода, особено во планинскиот дел.[3] Во 1950 година бил изграден водовод.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дол, Лазово, Шумљаковац, Забел, Лулево, Црквен Забел, Извор, Солиште, Маринкова Голина, Трчмео, Големи Брег, Рапочева Појата, Блачански Рид, Елезица, Мост, Вржи Вир, Лепенац, Лука, Пруга, Никиштанско Куличе, Душка, Шумљак, Мусов Гроб, Кула, Чешмиче, Средно Солиште, Клепотенец, Марков Камен, Марков Даб, Црњевац, Палешевина, Пударац, Река, Коларово Кладенче, Булини Гробишта, Вртвоѓа и Крна Глава.[3]
Селото има особен збиен тип. Родовските куќи образуваат свои маала, како што се Џепиќи, Урдаревиќи, Кајевиќи, Ливриниќи и други. Во поново време, куќите се градат издвоени од стариот дел на селото.[3]
Селото се наоѓа во областа Црногорија, во југозападните делови на планината Скопска Црна Гора. Чучер-Сандево е на 15 километри оддалеченост северно од градот Скопје.
Чучер е едно од ретките села во која има куќи со пространи чардаци и чешми со многу дулки.[4]
Западно од селото, во близина на реката Лепенец, се наоѓала некогашна Давина Кула, во која според мештаните се наоѓала некоја жена по име Дафина. Подоцна, кулата била освоена од Турците. И денес се наоѓаат остатоците од некогашната кула и други ѕидини.[3]
Преданието наведува дека селото најпрвин се наоѓало неколку стотина метри северозападно од денешната местоположба, околу изворот Шумљаковац. Меѓутоа, мештаните морале да го напуштат тоа село, бидејќи поради нешто било запалено. Селото не било преместено наеднаш, туку домаќинствата се селеле повеќепати.[3]
Од старите родови во некогашното село, во денешното село се зачувани само родовите Кајевиќи и Ливриниќи.[3]
Според бугарските извори, во селото се доселиле српски доселеници во периодот 1689-1739 година.[5]
До крајот на турската власт во 1912 година, селото трпело напади од страна на муслиманските жители (особено од селото Блаце) и не добивало заштита од страна на државата.[3]
Првичното име на селото било само Чучер, но било додадено и „Сандево“ по Втората светска војна во чест на народниот херој Александар Урдаревски-Санде. Всушност, по војната се случило спојување на старото село Чучер и новосоздадената населба Сандево во непосредна близина на селото.[4]
Атарот на селото зафаќа простор од 11 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 596 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 238 хектари, а на шумите 114 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]
Сточарството било главна стопанска гранка на мештаните до крајот на Втората светска војна. Особено биле одгледувани кози. Стоката била чувана во месностите Бела Вода и Стануловац на планината Скопска Црна Гора.[3]
По војната, сточарството нагло опаднало и само мал број домаќинства чува стока. Во поново време, скоро целото население работи во градот Скопје.[3]
Според опширните османлискидефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 33 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 152 мажи христијани, со 5 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 314 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 750 Македонци.[10]
Селото во 1961 година броело 518 жители, од кои 328 биле Срби, а 180 Македонци. Во 1994 година бројот се намалил на 274 жители, од кои 234 биле Срби и 35 Македонци.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Чучер живееле 299 жители, од кои 117 Македонци, 180 Срби, 1 Албанец и 1 останат.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 290 жители, од кои 107 Македонци, 134 Срби, 8 останати и 41 лице без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Чучер е православно село со мешан состав на населението, Срби и Македонци. Сите родови се доселени, едните со потекло од јужниот дел на Косово, а другите од некогашни села на планината Скопска Црна Гора.[3]
Според истражувањата од 1960-тите родови во селото се:
Постари родови:Кајевиќи или Кајови (20 к.), доселени се од селото Ѓерекаре кај Витина, нивниот предок најпрво се населил во Горњане, па прешол во Чучер. Во Чучер останале три негови синови, додека четвртиот се преселил во Бањане; Ливриниќи или Ливрини (20 к.), доселени се од местото Св. Спас, тоа лежи на планината Скопска Црна Гора, северно од Бањане. Го знаат следното родословие: Јован (жив на 56 г. во 1969 година) Анѓелко-Стевко-Перо-Миленко, се доселил таткото на Миленко. Старото име им било Миленковиќи, Предокот Миленко имал и еден син Златан, и по него една родовска гранка се вика Златановци. Во 1930 година една родовска гранка (Зивчевиќи) се поделила на 42 членови;
Помлади родови:Путиќи или Путови (4 к.), доселени се однекаде; Џепиќи или Качаниклиќи (4 к.), доселени се од денес албанското село Ѓургевдол кај Качаник. Го знаат следното родословие: Живко (жив на 34 г. во 1969 година) Перо-Крста-Митар-Анѓелко, се доселил таткото на Алѓелко; Ќуксановиќи (13 к.), доселени се од населбата Јуручка Река на планината Скопска Црна Гора (близу село Блаце). Две нивни гранки се викаат Стамболиеви и Лулеви; Јанковиќи или Јанкови (4 к.), деленици се од родот Ќуксановци; Челинковиќи (4 к.), доселени се од сега албанското село Блаце кај Качаник и Урдаревиќи (8 к.), доселени се од селото Штрпце кај Сириниќ. Велат дека таму имаат роднини.
Селото влегува во рамките на Општина Чучер-Сандево и која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од тогашната Општина Чучер-Сандево.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Кале.
Во периодот од 1955 до 1962 година, селото било дел од тогашната општина Бутељ. Потоа, оваа општината била распуштена и била префрлена во општината Кале.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бразда, во која покрај селото Чучер, се наоѓале и селата Бањане, Блаце, Бразда, Визбегово, Глуво, Горно Оризари, Горњане и Мирковци. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Бразда, во која влегувале селата Бањане, Бразда, Глуво, Горњане, Мирковци, Оризари и Чучер.
И ова село го зафатиле големи миграциски движења. Од постарите иселеници се знае за Кајови и Станковчеви кои се иселиле во соседното село Бањане. Како и за родот Урдаревци или Миленковци кои се иселиле во селото Булачани.[3]
Неколку чучерски домаќинства се иселиле во Глогоњ во Војводина: Качаниклиќи (2 семејства), Златановиќи (1 семејство), Путовиќи (1 семејство), Челиковиќи (1 семејство) и Урдаревиќи (1 семејство).[3]
↑ 4,04,14,2„РОДНОКРАЈСКИ ЗАПИС“. web.archive.org. 2016-03-04. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2020-01-30.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
↑Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 296.
↑Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
↑Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 јануари 2020.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.