Роден во Штип, на 20 декември1923 година, Ацо Шопов го поминал детството во родниот град, со браќата Димитар (1920-1972) и Борислав (1927-1996), татко му Ѓорѓи Зафиров-Шопов (1893-1944) и мајка му Костадинка Русева (1897-1942). Во Штип го завршил основното училиште и гимназијата.[1]
Уште како гимназијалец, во 1940 година, Ацо Шопов станал член на СКОЈ, а две години подоцна, се вклучил во антифашистичката борба,[1] во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада била и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај1944 година и на која Шопов ѝ ја посветил прочуената песна „Очи”.
По војната, Ацо Шопов матурирал во родниот град и заминал за Скопје, каде ги завршил студиите на Филозофскиот факултет, на отсекот чиста филозофија.[1] Подоцна, работел како уредник во литературните списанија и весници Нов ден, Млад борец, Иднина, Хоризонт, Современост,[1] како главен уредник на сатиричниот неделник Остен, што го поттикнало да објави серија сатирични песни, подоцна групирани во збирката Јус-универзум (1968). На 30 септември1958 година, Ацо Шопов се венчал со Светлана Шопова[2] на која ѝ е посветена песната „Клошарска песна на поетот“.[3]
По долги години посветени на издавачката дејност, претежно како директор и главен уредник на „Македонска книга“, во 1971 година, Шопов бил именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, земја која го инспирирала за збирката Песна на црната жена. За време на престојот во Африка, тој го превел изборот од поезијата на сенегалскиот претседател, Леополд Седар Сенгор, добитник на „Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година. Истата година, Шопов бил именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, но три години подоцна, болеста го присилила да го напушти активниот живот.
Ацо Шопов е автор на првата повоена книга на македонски јазик во слободна Македонија, Песни (1944), објавена во „Млад Борец”, Белград. Делегацијата на антифашистичката младина на Србија, којашто учествува на Вториот Конгрес на Народно-ослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ), во Скопје, од 6 до 8 јануари 1945, ги донесува печатените примероци во Скопје и ги подарува на учесниците на конгресот, на кој Ацо Шопов учевствува во својство на потпретседател на Главниот одбор на НОМСМ.
Неговата книга Слеј се со тишината е прва македонска збирка препеана на словенечки јазик, во 1957 год., а Јус-универзум е прва збирка сатирична поезија објавена на македонски јазик, во 1968 година.
За време на животот, Ацо Шопов има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици.[4]
Предвечерје. Избор, превод и препјев Сретен Перовиć. Титоград: Графички завод, 1966. 115 стр.
Ugunsmīlestība: dzeja. Vertimas Knuts Skujenieks, Sakartojis Aleksandar Romanenko. Riga: Liesma, 1974. 103 str.
Песме. Избор и предговор Георги Старделов; превод и препјев Сретен Перовић, Београд: Народна књига, 1974. 277 стр.
Pjesma crne žene. Prevela Elina Elimova, Zagreb, August Cesarec, 1977. 39 str.
Dugo dolaženje ognja: izabrane pjesme. Izbor: Todor Čalovski. Prevod i prepev: Sreten Perović. Beograd: Rad (Reč i misao), 1977. 105 str.
En chasse de ma voix. Choix et adaptation Djurdja Sinko-Depierris, Jean-Louis Depierris. Paris: Еditions Saint-Germains-des-Prés, 1978. 60 str.
Naşterea cuvéntului. Selectiesi traducere de Ion Deaconesvu ; prefatâ si note Traian Nica. Cluj-Napoca: Dacia, 1981, 91 str.
Пјесме. Превео и препјевао Сретен Перовић; изабрао и приредио Изет Муратспахиќ. Сарајево: Веселин Маслеша, 1984. 175 стр.
Lector de cenizas. Presentación selectión i traucción por Aurora Marya Saavedra. Mèhico: Cuadernos Cara a Cara, 1987, 93 str.
Шопов во светот, Шопов од светот. Избор и предговор Милош Линдро,. Скопје: Македонска книга, 1994 (Избор, кн. 2).
Anthologie Personnelle. Poésie traduite du macédonien par Jasmina Šopova ; introduction d’Ante Popovski ; adaptation et postface d’Edouard Maunick. Paris: Actes Sud / Editions UNESCO, 1994, 143 str.
Stigmate. Edité par Jasmina Šopova. Skopje : Matica makedonska, 2001. 253 p. (macédonien et français)
Senghor-Šopov: Parallèles = Сенгор-Шопов: Паралели. Edité par Jasmina Šopova; Introductions: Jasmina Šopova, Hamidou Sall, Risto Lazarov. Illustrations: Hristijan Sanev. Skopje: Sigmapres, 2006. 206 p. (français et macédonien).
Sol negro. Traducción de Luisa Futoransky. Prólogo y selección por Jasmina Šopova. Buenos Aires : Leviatán, 2011. 98 p.
Geburt des Wortes = Naissance de la parole. Gedichte übersetzt aus dem Makedonischen von Ina Jun Broda ; Traduit du macédonien par Jasmina Šopova et Edouard J.Maunick. Struga: Sruga Poesieabende / Soirées poétiques de Struga, 2010. 92 str.
The Word’s Nativity. Edited by Katica Kulavkova. Skopje: St. Clement of Ohrid National and University Library, 2011. 196 p.
Во поетското творештво на Ацо Шопов може да се проследат неколку фази. Така, неговите први поетски творби, создадени за време на НОБ, се одликуваат со скромни естетски вредности, но имаат големо значење како зачеток на македонската поетска мисла. Понесен од националниот занос, во својата прва збирка „Песни“ (1944) Шопов ги опева херојските подвизи на партизаните. Притоа, неговата поезија била под директно влијание на македонската народна песна и на пролетерската поезија. Иако без особено големи естетски квалитети, оваа збирка ја содржи најубавата песна со тематика од НОБ - „Очи“ во која љубовта се става како противтежа на очајот и на смртта.[7]
Еволуирајќи на интелектуален план, со книгите „Стихови за маката и радоста“ (1952), „Слеј се со тишината“ (1955) и „Ветрот носи убаво време“ (1957), Шопов внел нови содржини во современата македонска поезија. Заеднички именител на неговото творештво од овој период е интимната нишка која, низ призмата на творечкиот чин, се остварува еднодимензионално. Во овие книги, сликата и звукот се секогаш во прв план, а реалноста и фикцијата се наоѓаат во заемен дослух, но крутоста и неиздиференцираната форма предизвикува лирскиот призвук да биде делумно оголен. Сепак, Шопов спаѓа во малкумината македонски поети кои уште во 1950-тите воспоставиле компромис со модерноста, понудувајќи еден вид модел на песна во која рефлексивната поезија добила покондензирани димензии. Со својата поезија, Шопов најавува паралелен семантизам: неговата песна го мери она што е објективно со она што е субјективно. Вака понудениот модел на песната во тоа време бил безрезервно прифатен од помладите македонски поети, што придонело поезијата на Шопов да се сфати како визија за децидно прифатениот модерен израз и како можност за надминување на постојните јазични стандарди.[8]
Своите најавтохтони поетски творби Шопов ги остварил во книгите „Небиднина“ (1963) и „Гледач во пепелта“ (1970), кои претставувале голема новост на македонската поетска сцена, а нивното влијание врз развојот на современата македонска поезија е непроценливо. Во нив, Шопов луцидно ги иницира своите погледи за животот, љубовта и смртта, за зборот и времето и за опстојувањето. Во овие книги тој речиси секогаш поаѓа од поединечното кон општото, обидувајќи се да го пронајде „непронајдениот“ збор. Во „Небиднина“, на високо креативен начин, Шопов го возвишува симболот на небиднината како кованица за трагизмот на поединецот и на народот. Во неа доаѓа до најцелосен израз неговата смисла за рефлексивен исказ, за повеќеслојни семантички јадра и за компарирање на мотивските пунктови. Притоа, авторот ја избегнува опасноста од нагласениот рационализам, успешно синтетизирајќи ги поетските целости во кои се надополнуваат содржината и формата водејќи кон повеќезначаен естетски чин. Со овие две збирки, Шопов смело навлегол во пошироките национални и универзални духовни координати, а својата препознатлива поетска мисла ја зацврстил и ја доградил во автохтони целости кои се неодминливи во македонската поезија.[9]
Во својот обемен поетски опус Шопов настојува да ги помири спротивностите: тагата и радоста, желбата и надежта, минатото и сегашноста. Притоа, тој речиси секогаш се наоѓа пред дилемата за идното време, нудејќи го вешто одговорот, кој не е со ведар набој, а неговата резигнација често е предадена во исповедна форма, во вид на сказна, на запис, на сведоштво. Во неговите песни е присутно дијалектичко проткајување и внатрешен немир, воспоставен на релацијата едника - колектив, а на зборот му придава космичка димензија. Огнот, времето и стеблото; зборот, љубовта и просторот; сонот, сонцето и пепелта - тие се главните пунктови на поезијата на Шопов. Тие се појавуваат во континуитет во целото негово творештво, а нивното проткајување е очигледно и неодминливо. Меѓутоа, изнесувајќи ги своите идеи и идеали, тој не бара компромис меѓу идејата и пораката, не настојува да филозофира, туку застапува спонтан, ненаметлив, често афористичен, но најчесто рационален и прецизен исказ. Неговата поезија се одликува со личен и национален ентитет, кој се трансформира во далекусежни универзални релации. Овие елементи, заедно со обемнито спектар на теми, придонесуваат Шопов да биде маркантна појава во современата македонска книжевност. Шопов понудил вистински модел на македонска, едноставна, но длабоко осмислена, песна, така што тој спаѓа во редот на најавтентичните поетски имиња во македонската поезија. Најпосле, со својата едноставност, оригиналност и амбивалентност, тој извршил големо влијание врз голем број македонски поети.[10]
Draško Ređep, „Poezija tela i prolaznosti“, Izraz, br. 12, Sarajevo, 1968, str. 546.
Draško Ređep, „Crno sunce Aca Šopova“, Izraz, br. 11, Sarajevo, 1970, str. 504.
Раде Силјан, „Татковинското во поезијата на Ацо Шопов“, Радио Скопје, Трета програма, 28 јануари 1983.
Димитар Солев, „Една маргиналија кон поезијата“, Млада литература, бр. 1, Скопје, 1956, стр. 44.
Александар Спасов, „Ацо Шопов: Слеј се со тишината“, Разгледи, бр. 4, Скопје, 1956, стр. 5.
Георги Старделов, „Ацо Шопов“, Современост, бр. 1, Скопје, 1958, стр. 51.
Георги Старделов, „Ацо Шопов: Слеј се со тишината“, Хоризонт, бр. 2, Скопје, 18 март 1956.
Георги Старделов, „Небиднина или лирската медитација на Ацо Шопов - по тој повод и по еден друг поодамнешен“, Современост, бр. 6, Скопје, 1964, стр. 599.
Георги Старделов, „Нуркање во длабините на битието“, Современост, бр. 6, Скопје, 1970, стр. 564.
Георги Старделов, „Поетското искуство на Ацо Шопов“, Современост, бр. 9-10, Скопје, 1967, стр. 799.
Георги Старделов, Небиднината: поезијата и поетското искуство на Ацо Шопов.- Скопје: Матица македонска, 2000.- 309 стр.
Гоце Стефановски, „Критика за Ацо Шопов“, Мисла, бр. 14, Скопје, 30 ноември 1966, стр. 10.
Творештвото на Ацо Шопов: симпозиум по повод 70-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.- Скопје: Филолошки факултет - Институт за македонска книжевност, 1993.- 188 стр.
Животот и делото на Ацо Шопов: меѓународен научен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов.- Скопје: МАНУ, 2005.- 281 стр. ISBN 9989-101-60-4
Стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов била прославена на 21 март 2023 година, во Париз, во организација на МАНУ и на Фондацијата „Ацо Шопов — Поезија“ се одржал симпозиумот „Поезија: творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“.[12]
Бахгат Елнади alias Махмуд Хусеин, Египет: „Поезијата на Ацо Шопов фасцинира со нејзината актуелност. Таа е пишувана пред неколку децении, а говори за она што се случува денес. Тоа е поезија против која времето не може ништо, зашто таа во себе носи нешто профетско. А нејзиниот автор останува наш современик“.[13]
Адел Рифаат alias Махмуд Хусеин, Египет: „Секој негов збор како да е пропратен со некакво мистериозно ехо што доаѓа од многу далеку и што го соединува со самиот извор на животот, онаму кајшто животот и смртта, победата и поразот, денот и ноќта пулсираат во еден заеднички, универзален ритам, од кој нашите лични чувства затреперуваат со неговите. Затоа, во поезијата на Шопов, се чувствуваме сосема свои“.[13]
Федерико Мајор, Шпанија, Генерален директор на УНЕСКО: „Поезијата − а особено поезијата на Ацо Шопов − нè извлекува од времето и просторот, за на мистериозен начин да нè укотви во траењето и во местата. Со сета своја јарост, не помалку интензивна од нежноста што под неа се крие, оваа поезија е збор на вистината упатен до најинтимното во нас. Колку со својот раскошен блескот, толку и во својот трепетлив ореол, таа е светлост што ни го покажува патот и ни нуди утеха во секојдневието.“ (1949)[14]
Пјер Сегерс, Франција: “Во Песни (првата збирка поезија објавена на македонски, во слободна Македонија, 1944 г.) младиот македонски јазик ја потврдува својата поетска вредност (…) Поезијата на Шопов ги буди мирисите, неименливите сокови на својата земја, односно онаа реалност, истовремено стварна и неопиплива, за која понекогаш се гине” (1976).[14]
Роман Кисјов, Бугарија: „Ми се чини дека поезијата на Ацо Шопов плени и фасцинира не само поради големиот талент и мајсторство на нејзиниот автор, туку и благодарение на нејзината возвишеност и идеализам, коишто – особено денес, во ова бездуховно, прагматично и технократско време – можеби делуваат речиси утописки и анахронично... но се во суштина носители на универзални вредности, свртени кон Човекот и исконите, оние вечни вредности на кои се темели и од кои црпи енергија човековото постоење...“[15]
Ацо Шопов (награда) е највисоко поетско признание што го доделува Друштвото на писателите на Македонија. Таа се доделува секоја година за најдобра поетска книга објавена во претходната година. Традиционално, таа се доделува заедно со другите три награди на ДПМ, на 13 февруари, на денот на основањето на ДПМ.