Блаже Ристовски | |
---|---|
Вицепремиер | |
На должноста | |
Стапил 20 март 1991 | |
Претседател | Никола Кљусев |
Претходник | Стево Црвенковски |
Лични податоци | |
Роден(а) | 21 март 1931 Гарниково, Кавадаречко, Кралство Југославија (денес Македонија) |
Починал(а) | 28 ноември 2018 Скопје, Македонија |
Националност | Македонец |
Установа | Филолошки факултет |
Професија | историчар, политичар |
Блаже Ристовски (Гарниково, Кавадаречко, 21 март 1931 - Скопје, 28 ноември 2018) — македонски книжевен историчар, филолог, фолклорист и историчар. Во првата Влада на Република Македонија од 1991 Ристовски е избран за потпретседател. Тој е уредник на првата „Македонска енциклопедија“ во издание на МАНУ.
Ристовски потекнува од македонско патриотско семејство кое директно било вклучено во македонското национално ослободително движење. Неговиот дедо Ристо бил деец на Македонската револуционерна организација, кој поради својата дејност бил на трипати осудуван на по стоиедна година затвор како селски началник на Организацијата.
Основно образовани завршил во родното село Гарниково, а гимназија во Кавадарци. Завршил Филолошки факултет во Скопје во 1955 година. Во 1965 година станува доктор по филолошки науки. Од 1995 година бил редовен член на МАНУ.[1]
Уште како дете, во летото 1943 година, се вклучил во Народноослободителната борба, носел писма до Јованче Балавура. Во 1944 година, кога сè уште не бил доволно свесен и информиран, учествувал на собирите во Кавадарци каде се зборувало за слободата. На 13 години бил поставен за помошник-учител, на назначениот учител во Гарниково, а во Кавадарци на одреден начин ги одржувал конференциите во IV реон.
Во 1945 година учествувал во формирањето на конспиративната група Македонска активна народно-комунистичка организација (МАНКО). Во овој период Блаже Ристовски активно учествувал во создавањето на библиотека со скромен фонд од областа на историјата и културата на Македонија и првата демонстрација поради што бил уапсен од полицијата. Меѓутоа властите не ја откриле конспиративната група и Ристовски заедно со останатите уапсени бил ослободен. Во учебната 1945/46 година Ристовски учествувал во нелегалното печатење на околу 300 летоци, кои подоцна ги сокрил во својата куќа, меѓутоа поради лошите услови тие биле уништени.
Ристовски им предложил на Ристо Чулев и Киро Велковски, негови блиски пријатели, да испечатат летоци и да ги растурат во текот на училишната екскурзија. Идејата била прифатена, текстот бил напишан од Ристовски, а летоците биле испечатени и поделени во три дела. Меѓутоа полицијата дознала за оваа активност. Сите ученици тргнале на ексурзијата, но автобустот со кој патувале бил застанат во Скопје каде што Ристовски, заедно со Ристо Чулев и Киро Велковски, бил уапсен на 15 април 1948 година.
Во текот на два месеци Ристовски бил испитуван од страна на УДБА по што бил преместен во Централниот затвор во Скопје. Три дена по пристигнувањето во овој затвор на Ристовски му бил доставен обвинителен акт според кој тој и неговите пријатели биле обвинети за непријатели на слободата на нашиот (македонскиот б.н) народ. Според обвинитителниот акт уште во 1946 година групата ја започнала својата противнародна дејност и создавање на терористичка и бандитска група. По добивањето на обвиненито Ристовски заедно со останатите притворени бил одведен до окружниот суд каде што бил осуден на 6 месеци затвор. По изрекувањето на пресудатата, казната ја издржувал во Идризово. Неколку дена пред истекот на 6-месечната казната, Ристовски бил ослободен.
За овие настани Ристовски истакнува: Барем во тие денови на нашата заедничка активност, ние не презедовме, ниту планиравме никаква терористичка акција. Ако не бевме откриени, можеби и ќе дојдеше до тоа, но... Исто така е важно да се нагласи дека нашата група беше самородна и немаше никакви врски со никаква организација, ниту пак имаше некакво име и разработена програма. Тоа беше еден видлив израз на младешкото незадоволство од постојната ситуација во врска со решението на македонското национално прашање во Југославија, изблик на нашиот македонскиот патриотизам, но без нужната идеолошко-политича подготовка и без точна претстава за историските процеси, настани и личности... [2]
Со научна дејност започнал да се занимава уште по запишувањето на студиите, а првиот истражувачки труд го објавува во тогашниот орган на Катедрата за јужнословенски јазици Македонски јазик. Иако редовен студент, работи како главен уредник на списанието Народно здравје и шеф на Отсекот за печат во Институтот за здравствено просветување во Скопје (1953 - 1955). По едногодишно професорување во Кавадарци (1956/57), се враќа во Скопје и работи како јазичен уредник на Радио Скопје (1957 - 1961).
Како лектор за македонски јазик и предавач за македонска книжевност на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана (1961 - 1966) ги води и предавањата на Педагошката академија во Марибор (1965 - 1966).
По одбраната на докторската дисертација Крсте П. Мисирков – животот и делото во 1965 година е избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Го покренува и го уредува спианието „Македонски фолкор“. Основач е и претседател на биеналниот Меѓународен симпозиум за балканскиот фолклор во Охрид. Организира успешна теренска собирачка дејност на македонските народни умотворби, а ја конципира и издавачката дејност на Институтот за фолклор.
Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја, каде што го раководи Тимот за културната историја и Балканолошкото одделение. Избран е за прв потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија (1991 - 1992), а до пензионирањето е научен советник во Институтот за старословенска култура (1993 - 1995). Беше член на редакциите на списанието Етнологиа Славица (Братислава), Демос (Берлин), Народно стваралаштво - Фолклор (Белград), Погледи, Современост, Гласник на Институтот за национална историја (Скопје) и др.
Беше претседател на Здружението на фолклористите на Македонија и на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, прв потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет цивилизации (Сорбона III) во Париз (1986 и 1992) и секретар на МАНУ (1999 - 2002).
Како истражувач на македонската литературна, јазична и национална историја и на фолклорот во Македонија, објавил повеќе книги за развитокот на македонската културно-национална мисла и над 800 статии и други прилози во разни зборници и списанија во земјата и во странство. Научно-стражувачките интереси му се движат во неколку тематски релации и ги зафаќаат спецификите на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла и акција до нејзината конечна афирмација, историјата на македонскиот писмен и литературен јазик, литературната историја и фолклорот. Посебно ги истра- жува и ги афирмира националните дејци од XIX и XX век: Крсте П. Мисирков, Димитрија Д. Чуповски, Наце Д. Димов, Ѓорѓија М. Пулевски, Петар Д. Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Никола Вапцаров, Тодор Чопов и др.
Во неговите трудови донесе нова документарна фактографија и научна аргументација и со аналитички и критички пристап кон изворите и литературата претстави на научната јавност низа пројави, настани и процеси и цела плејада заслужни профили од македонското културно- национално минато. Соавтор е на пет учебника по историја за основното и средното образование.
|
|