Дуке Бојаџиев | |
---|---|
![]() | |
Животописни податоци | |
Познат(а) и како | Дуке Б. |
Роден(а) | 24 септември 1972![]() |
Жанрови | филмска музика |
Занимања | композитор, продуцент и пијанист |
Инструменти | Клавир |
Период на активност | 2001 - сè уште |
Мреж. место | http://www.dukeb.com/ |
Дуке Бојаџиев (24 септември 1972) — македонски композитор, продуцент и пијанист, кој живее и работи во Њујорк.
Уште од мал Дуке Бојаџиев имал можност да биде во допир со музиката и медицината, како син на Тодор Бојаџиев, македонски композитор на забавни мелодии и гинеколог по вокација. Свири пијано од три годишна возраст, а компонира од свои десет години.[1] Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, и потоа заминал за Бостон, каде дипломирал на колеџот Беркли во 2001 година. Од таму се сели во Њујорк, каде и денес живее и работи.[2]
Долги години работи во студио како композитор и продуцент, а од 2005 година и како музички директор и пијанист на култната њујоршка театарска група „Д Ситизенс Бенд“ (The Citizens Band), со која работел две и пол години на големи сцени низ цела Америка. Во неговата кариера остварил соработка со холивудската глумица Џина Гершон како музички директор и пијанист на нејзиното кабаре шоу во Њујорк, потоа со добитници на Оскар, како Џонатан Деми и Данис Тановиќ, меѓу кои и македонскиот режисер, номиниран за Оскар, Столе Попов. Работел на рекламни кампањи на големи фирми, како Мерцедес, Лореал, Пежо, Ланком и други, но и како продуцент на ремиксови на пејачката Синди Лопер.
Со свои концерти започнал од 2011 година, најнапред во Античкиот Театар во Охрид, а потоа и во „Карнеги хол“.[3] Соработува со Македонската филхармонија, Тања Царовска, Мартин Ѓаконовски, Каролина Гочева, Анѓела Мекласки, и други имиња од музичкиот свет.
Дуке Бојаџиев досега има издадено седум соло албуми. Неговата музика е дел од светски познатите компилации „Буда Бар” (Buddha Bar), „Маракеш Експрес” (Marrakech Express) и „Чил аут ин Париз“ (Chill out in Paris). Исто така, продуцирал ремикс за Синди Лопер и за „Блу Мен Груп“, а соработувал со Џонатан Дем и Данис Танович.[2] Има изработено авторска музика за повеќе македонски и странски филмски остварувања, меѓу кои за филмот „Страв од паѓање“ на Џонатан Дем, и за македонскиот филм „До балчак“ на режисерот Столе Попов.
Дуке Бојаџиев работел на рекламните кампањи за: Мерцедес, Крајслер, Ланком, Лореал, Мејбелин, Ана Суи, Куерво, Крест, Пежо, Веризон.