Карпо Аќимовиќ Година | ||
Роден | 26 јуни 1943 Скопје, Кралството Југославија | |
---|---|---|
Националност | Словенец и Македонец | |
Занимање | кинематографер, монтажер, режисер, сценарист |
Карпо Аќимовиќ Година или Карпо Година (26 јуни 1943, Скопје) — словенечки режисер, сценарист, кинематографер, монтажер.[1] Тој е еден од најпознатите претставници на „црниот бран“ во југословенскиот филм — творечко, филмско, сценаристичко и режисерско движење кое се занимавало со социјални, економски и идеолошки теми, особено во периодот од 1964 и 1973 година, со главни центри Белград, Загреб и Љубљана. Неговиот филм „Вештачки рај“ бил прикажан во 1990 година на Канскиот филмски фестивал.[2]
Роден е 1943 година во Скопје. Неговата мајка била Милена Година, југословенска и словенечка театарска и филмска глумица. Татко му бил Македонец.[3] Студирал на Академијата за театар, радио, филм и телевизија на Универзитетот во Љубљана, а дипломирал во 1966 година. Тој ја започнал својата кариера во раните 1960-ти со аматерски филмови, а првите признанија ги добил на меѓународни манифестации и фестивали посветени на краткометражни и документарни филмови. Како директор на фотографија или кинематографер, бил ангажиран во повеќе од дваесет филмови а режирал телевизиски серии и кратки филмови. Прв позначаен ангажман како директор на фотографија или кинематографер ја имал во 1969 година, во филмот „Рани дела“ чии сценарист и режисер бил истакнатиот Желимир Жилник[4]. За исто така антологискиот филмот „Сплав медуза “ ја добил Прешерновата награда за неговиот ангажман како директор на фотографија, во 1980 година. Покрај својата работа како директор на фотографија, тој има режирано и напишано сценарија за голем број кратки и документарни филмови. Од 1990 година предава филмска режија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија на Универзитетот во Љубљана[5].