Старавина | |
Панорамска фотографија на селото | |
Координати 41°05′23″N 21°44′00″E / 41.08972° СГШ; 21.73333° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Новаци |
Област | Мариово |
Население | 8 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7000 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02111 |
Надм. вис. | 858 м |
Слава | Голема Богородица |
Старавина на општинската карта Атарот на Старавина во рамките на општината | |
Старавина на Ризницата |
Старавина — село во Општина Новаци, во областа Мариово, во околината на градот Битола.
До 2004 година, селото било административно седиште на поранешната истоимена општина, која била споена со Општина Новаци. Селото отсекогаш важело за средиште на Битолско Мариово.
Името на селото се поврзува со легенда според која тоа води потекло од големата распространетост на виновата лоза. Поради тоа, селото било познато по старите вина, односно село на „стари вина“, што се образило во Старавина.[2]
Селото се наоѓа во битолскиот дел на областа Мариово, во крајниот источен дел на територијата на Општина Новаци. Со дел од атарот се допира со државната гранична линија со Грција.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 850 метри.[3] Селото е оддалечено 52 километри од градот Битола, додека од општинското средиште Новаци е оддалечено 41 километар.[2] Селото е поврзано со градот Битола преку регионалниот пат 1311.
Градешка Река, која поминува низ самото село, се смета за значајно геонаследство од сферата на хидрологијата.[4] Реката извира на планината Ниџе,[5] на чии падини се наоѓа и самото село.
Во минатото, селото било составено од повеќе маала.[2] Селото поседува автентична архитектура и бројни зачувани стари традиционални куќи.[6]
Просечната годишна температура на воздухот во Старавина изнесува 12,4 °C, а просечните годишни врнежи 573 mm.[7]
Во близина на селото се наоѓа тврдината Пешта, за која постојат докази дека постоела уште од времето на античките македонски кралеви. Тврдината најголема значајност стекнала за време на Мариовската буна, кога населението во Мариово пружило силен отпор на отоманската војска и во неколку наврати истата ја совладала. Сепак, обиколени од сите страни, востаниците се повлекле на тврдината. Тврдината доживеала бомбардирања за време на Првата светска војна, поради што денес е уништена и разрушена.[2]
Селото Старавина било на самата фронтовска линија за време на Првата светска војна и може да се вброи меѓу најпогодените села во Мариово. Месното население најмногу настрадало, имајќи стапка на смртност над 50%, како и со тешки стопански последици по имотите.[2]
Вкупно 2 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[8]
Атарот е мошне голем и зафаќа простор од 60 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 3.547 хектари, на пасиштата отпаѓаат 1357 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 1042 хектари.[3] Во поново време, голем дел од обработливото земјиште поради некористење е претворено во пасишта.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
Старавинци биле сточари и земјоделци, а особено се одгледувале овци и кози. Исто така, уште од 1930-тите години започнале да се користат шумите околу селото, поради што во селото бил сместен гатерот на Шумското стопанство „Кајмакчалан“.[2]
Во Првата светска војна биле уништени сите стари лозја, по кои се верува и селото го добило своето име.[2]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Демографски статистики за селото Старавина во османлискиот период:[9]
Османлиски дефтер | Домаќинства | Неженети | Вдовици | Годишен приход |
---|---|---|---|---|
Дефтер бр. 4 од 1476/77 г. | Пресметано заедно со Градешница | |||
Дефтер бр. 16 од 1481/82 г. | 38 | 1208 | ||
Дефтер бр. 73 од 1519 г. | 80 | 14 | 5 | 4156 |
Дефтер бр. 149 од 1528/29 г. | 77 | 8 | 6929 | |
Дефтер бр. 232 од 1544/45 г. | 63 | 9 | 2190 |
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Старавина живееле 590 жители, од кои 570 Македонци и 20 Роми.[10] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Старавина имало 560 Македонци, патријаршисти.[11]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Старавина се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 79 куќи.[12]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[13]
Од Старавина се иселил голем број од населението и тоа преминало од средно во сосема мало село, населено со македонско население. Така, селото во 1961 година имало 655 жители, а во 1994 година бројот се намалил на само 26 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Старавина живееле 23 жители, од кои 22 Македонци и 1 Србин.[14]
Во 2008 година, според неофицијални податоци, селото имало 8 семејства со 18 жители, додека во 2018 година имало околу пет постојани жители.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 8 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 590 | 560 | 666 | 741 | 655 | 405 | 217 | 43 | 26 | 23 | 8 |
Од селото се иселил голем број од населението, а најмногу во градовите Битола, Скопје и Прилеп, во бројни битолски села, како и во прекуокеанските земји и во Европа.[2]
Училиштето било осумгодишно и било отворено во 1951 година во голема зграда. По наглото иселување од селото, училиштето било затворено во 1990-тите години.
Во XIX век, Старавина било село во Мариовската нахија, во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Новаци, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Старавина.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Битола. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на некогашната Општина Старавина, во која покрај селото Старавина, се наоѓале и селата Будимирци, Градешница, Групиште и Зовиќ. Општината Старавина постоела и во периодот 1950-1952 година.
Во селото постои избирачкото место бр. 0175 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на објект на општината.[19]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[20] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 18 гласачи.[21]
Во минатото во селото постоела и црквата „Св. Никола“, која не била зографисана и денес е разрушена.[6]
Во селото работело културно-уметничко друштво од 1950-тите до 1970-тите. Во тој период имало и спортско и рибиловно друштво, како и стрелачка дружина.[2]
Селото е познато по приказната за Калеш Анѓа, мариовска девојка која и по цена на својот живот ја зачувала своја вера и не се предала на прилепскиот кадија. Сепак, на подмолен начин била заробена, а нејзиното спасување од домот на кадијата, било вовед во организирано востание против Отоманското Царство, односно Мариовската буна во 1564/65 година. Оваа легенда е овековечена и во истоимениот роман на Стале Попов, а нејзината куќа е обновена и претворена во спомен-куќа.[2] За Калеш Анѓа посветена е и народната песна Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо.
|
|