Усје | |
Поглед кон селото Усје | |
Координати 41°57′21″N 21°27′23″E / 41.95583° СГШ; 21.45639° ИГД | |
Општина | Кисела Вода |
Област | Каршијак |
Население | 1.035 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 25137 |
Надм. вис. | 240 м |
Усје на општинската карта Атарот на Усје во рамките на општината | |
Усје на Ризницата |
Усје — село во областа Каршијак, во околината на градот Скопје, административно во состав на Општина Кисела Вода.
Населбата Усје се наоѓа во јужниот раб на Скопската Котлина на околу 6 километри оддалеченост од центарот на Скопје. Поради својата големина и местоположба, а пред сè близина, Усје е конурбирано со градот Скопје и е дел од неговата периферија, но сепак тоа е физички одвоено од градот Скопје, а сè уште ги има задржано одликите на рурална населба. Селото Усје лежи на надморска височина од 240 метри, во дол на крајните источни падини на планината Водно и ридестиот предел Каршијак. Низ селото протекува Усјанскиот Канал (јаз) кој се влева во реката Вардар кај населбата Горно Лисиче. Всушност селото Усје е сместено, односно вовлечено во долината на Усјанскиот поток од чија лева страна се Горното и Средното Маало, а од десната страна е Долното Маало[2]. На ридот од десната страна над селото Усје е поставен голем метален крст, од каде има прекрасна панорамска глетка на целиот град Скопје и Скопската Котлина.
Селото Усје е една од постарите населби во југоисточниот дел на Скопската Котлина. Најстарото пишано споменување на селото се среќава во XIV век, каде тоа е запишано под името Оушче, а со обликот Устие е запишно во турските документи од 1568/69 година[3] кога припаѓало на Скопскиот санџак и во него живееле 29 македонски христијански семејства и 11 неженети кои во 5 чифлици произведувале пченица, мешано жито, уров, грозје, бостан и одгледувале свињи за што остварувале севкупен приход од 12000 акчиња[4]. Материјални нешта коишто сведочат за староста се и повеќето куќи постари од 100 години, во стариот дел на селото во близина на селската црква, кои се со традиционална македонска архитектура од типот на куќи - чардаклии. Кон крајот на ХIX и почетокот XX век, во селото Усје и околината било доста силно македонското револуционерно ослободително комитско движење, за што сведочат повеќе борби со турскиот аскер и заптии во околината на селото во 1903 и 1905 година. Голем дел од градското на население на градот Скопје, се засолнило во селото Усје, за време на бомбардирањето на германската фашистичка авијација на градот Скопје во почетокот на Втората светска војна.
Археолошките ископини близу црквата Св. Атанас говорат дека на територијата на Усје имало населба уште во римско време. Со пропаста на Римското Царство во доцниот шести век, сите населени места на територијата на денешната општина Кисела Вода биле уништени или напуштени. Некои биле уништени и во земјотресот што го погодил Скупи во 518 година.
Селото Усје повторно почнало да се населува за време на турското ропство. Така, според најраните податоци од турското владеење во 1452 година во селото живееле 13 македонски христијански семејства. Со текот на годините нивниот број сè повеќе се зголемувал. Следен пишан извор за селото Усје е поменикот на манастирот во Матка од 1560 - 1570, кога како приложници се запишани повеќе жители од село Усје. Според народното предание Усје било големо македонско село со голема црква, кое било запалено од Татарите кои дошле оздола[2]. Црквата постоела во рушевини расипана во средината на селото (десно крај потокот) до пред 140 години, кога била обновена, а за време на обновата селаните одредено време на причест оделе во Драчево[5]. Карактеристично за селото Усје е тоа што неколкупати го зафаќала болеста чума. Последен пат чумата се појавила зимата 1878 година[6]. Од неа пцовисал целиот добиток, а селото веднаш било запалено. Уништена била и црквата Св. Атанас.
Пред околу 200 години селото било почифликувано, односно земјата на селаните им била одземена од беговите, меѓу кои имало и еден Македонец по име Миле Симиџија од Скопје, а најголем дел имал Етем-бег[6]. Беговите живееле во Скопје, а амбари со жито имале во селото Усје. Во беговските куќи во Скопје живееле субаши, кои го застапувале бегот и ги надгледувале работите во селата. Населението било подложено на страшен терор и насилства од субашите, од кои едниот Садик-ага Албанец од селото Црн Врв со 6 синови се населил во Усје, градејќи куќа во Средното Маало и насилно земајќи земја од утрините (пасиштата), а подоцна и со сечење на шума[6]. Садик-ага двајца свои синови оженил со 2 грабнати Македонки од селото Добри Дол, а започнал да повикува и населува други албански одметници, убијци и пљачкаши, истиснувајќи ги угледните македонски семејства да се иселат[6]. Поради појавата на македонските комити од ВМРО, плашејќи се од одмазда за своите недела, Садиковци целосно се иселиле од Усје во 1908 година и преминале во Батинци[6].
Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство
Името на селото Усје потекнува од македонскиот збор устие, со значење на утока односно место каде што се составуват или влеваат два или повеќе водотеци — реки или потоци[3]. Селото Усје името го добило поради некогашниот слив на потоците (јазовите или каналите) со вода кои доаѓале од планината Водно и минувале низ селото. Местоположбата на самото село кое сместено во дол помеѓу два рида, и низ кое и денес тече Усјанскиот канал, ја потврдува оваа претпоставка за настанокот и значењето на името Усје.
Населението на селото Усје главно се занимава со земјоделство, од кое најмногу се застапени полјоделството (раноградинарството) и лозаро-овоштарството. На нивите и бавчите во Усје, најмногу се одгледуваат: житни култури (најмногу пченица) особено на нивите во рамничарскиот дел помеѓу селото и патот за Кисела Вода и Драчево, градинарски и раноградинарски култури под пластеници од кои најмногу: домат, краставица, пиперка (зелена), млад кромид и лук, кромид, марула, спанаќ и грашок, претежно во нивите и бавчите крај Усјанскиот канал и меѓу куќите. Ридовите кои го окружуваат Усје, поради идеалните услови кои ги нудат, целосно се искористени за одгледување на лозови и овошни насади. Најзастапени покрај лозовите насади се праските, црешите, крушите, јаболката и кајсиите. На пазарите во Скопје надалеку се познати усјанското трпезно грозје како и марула и домат. Дел од населението на Усје се занимава и со секундарни и терциерни стопански дејности, а најголем дел е вработено во најголемата цементарница во Република Македонија која се наоѓа до селото и го носи истото име „УСЈЕ“ и експлоатира цементен лапорец на ридовите западно од Усје. Останатиот дел на населението работи и во блиските авто-сервиси, фабрики, фирми, стоваришта и погони кои се наоѓаат во непосредна околина на селото Усје.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 22 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 71 мажи христијани, со 3 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 148 жители.[7]
Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 71 жител.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[9]
Поради својата близина до градот Скопје, селото Усје има поволна демографска состојба. Бидејќи не претставува атртактивно миграционо место, постојаниот висок пораст на населението се должи на зголемениот наталитет, па така домаќинствата во Усје се просечно со околу 3 деца и вкупно 7 членови.
Според пописот од 2002 година, селото Усје брои 845 жители, од кои: 830 Македонци, 1 Турчин, 7 Власи, 6 Срби и 1 останат.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.035 жители, од кои 970 Македонци, 2 Турци, 5 Роми, 15 Срби, 1 Бошњак, 2 останати и 40 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 140 | 160 | 403 | 495 | 944 | 724 | 1.054 | 1.230 | 1.202 | 845 | 1.035 |
Во селото Усје отсекогаш живееле Македонци со православна вероисповед. Постојат и повеќе старински родови меѓу кои се: Тошовци, Љубошани (за време турско преминале во Драчево, па во Љубош, за повторно да се вратат во Усје), Крцовчиња (овие три рода слават Митровден), Цветановци, Китановци, (овие 2 рода слават Св. Никола), Апчевци, Конопаровци (овие 2 рода слават Св. Архангел)[6]. Доселенички родови се: Смилковци (од Добри Дол), Ќерамидовци (од околината на Бабуна во Велешко), Мицковчиња (од Маркова Сушица), Добридолци (од Добри Дол), Бучинчани (од Бучинци), Трифуновци (од Пагаруша) и Казаковци[15]. Во поново време во селото има доселеници од околината на Кавадарци, Неготино.
Во селото Усје работи основното училиште до IV одделение „Невена Георгиева - Дуња“, а во нејзина непосредна близина е селската црква Свети Атанасиј, возобновена во 1979 година.
Усје претставува месна заедница во рамките на Општина Кисела Вода, во нејзиниот средиштен дел. Советот на месната заедница Усје брои 6 членови, а претседател е Марјанчо Андрески.
Број на избирачко место | Установа кадешто се наоѓа | Женски гласачи | Машки гласачи | Регистрирани гласачи |
---|---|---|---|---|
2774 | ЈДГ „Весели Цветови“ | 458 | 441 | 899 |
Вкупно | 458 | 441 | 899 |
На парламентарните избори во 2024 година, гласале вкупно 456 жители, каде 55% од гласовите освоила Коалицијата “Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, 20% Коалицијата “За Европска Иднина“ - СДСМ и 14% партијата Левица.[18]
Личности родени во Усје:
Во селото постојат ракометно игралиште и игралиште за мал фудбал, кои се во непосредна близина. Во близина се наоѓаат и просториите на фудбалскиот клуб „Вардар 75“ и кунгфу-клубот „Ву Шу“.
Иселеници од селото Усје се забележани во Драчево, Кучевиште, Инџиково, Огњанци и Скопје[15].
|title=
во положба 36 (help)[мртва врска]
|