![]() Корица на изданието од 1925 година | |
Изворен наслов | Abecedar |
---|---|
Земја | Егејска Македонија, Грција |
Јазик | македонски |
Издадена | прво издание: 1925 година во Атина; второ издание: 2006 година во Солун |
Текст | Абецедар на Викиизвор |
![]() |
Викиизвор има текст за |
Абецедар — буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција, подготвен од специјална комисија на грчката влада (Папазахариу, Сијакцис и Лазару), под меѓународен притисок и покровителство на Друштвото на народите во Женева, отпечатен во Атина во мај 1925[1] на лерински народен говор[2] со специјално приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис.[3] Целта со издавањето на таа вредна книга во развитокот на македонскиот јазик и култура е образовање на македонското население во Егејска Македонија. Со самиот факт што тој дел на Македонија потпаднал под грчка контрола, на македонското население му била укината можноста да се образува на својот мајчин јазик. Со издавањето на Абецедарот се направил голем чекор кон остварување на таа цел, но за жал за многу кратко време. Имено, после неговото печатење Абецедарот бил запленет и уништен од страна на грчката влада,[4] а со тоа е изгубена и единствената врска на Македонците со својот јазик сѐ до 2006 година. Во 2006 година е дозволено повторно преиздавање на Абецедарот на македонски јазик и е испечатен во Солун. Второто издание на Абецедарот го оживеа македонскиот народ а со тоа и заживување на македонскиот дух во делот на Егејска Македонија и тоа е овозможено благодарејќи на политичката партија на Македонците во Егејска Македонија — „Виножито“. Во новото издание се вклучени старото издание на Абецедарот, новото издание на Абецедарот, предговор и други неколку статии.
Абецедарот е направен врз основа на битолско-леринското наречје и неговиот зборовен фонд е најчесто од тој говор. Одлика на Абецедарот е тоа што се користи латиницата како азбука со неколку карактеристични букви што ги нема во стандардниот македонски јазик. Азбуката се состои од 29 букви од кои две ги нема во стандардниот македонски јазик. Исто така во Абецедарот се користат и неколку диграфи и триграфи со кои се претставуваат гласовите Ѓ, Ќ, Љ, Њ во комбинација со самогласки. Двете карактеристични букви на Абецедарот се Î и Ü со кои се означувале гласовите /ɘ/ и /y/. Како дел од азбуката е и буквата Ѕ која е карактеристична за македонскиот јазик.
Во второто издание, покрај првиот дел, го има и новиот дел во којшто се користи стандардната македонска кирилица и правопис за разлика од првото издание. Исто така во првото издание на Абецедарот бил вклучен и посебен дел за граматика каде се разработуваат личните заменки, присвојните заменки, прилози за време и место, и глаголи. Сиот материјал обработен во овој Абецедар поддржан е со текстови инспирирани од секојдневниот живот на луѓето за полесно учење и совладување на материјалот.
Новото издание на Абецедарот е издадено во 2006 во Солун од страна на македонската политичка партија во Грција „Виножито“. Целта е да се образува македонското население во Егејска Македонија, бидејќи се во многу тешка позиција заради грчката политика. Повторното издавање на Абецедарот е од историско значење како за Македонците од Егејска Македонија така и за сите Македонци во светот. Тоа е еден прв чекор кон признавање на Македонците во Грција и станување на рамноправни граѓани во рамките на Република Грција. Новото издание го содржи стариот Абецедар и новото издание напишано на стандарден македонски јазик. На почетокот на Абецедарот има неколку статии што се испишани на три јазици: македонски, англиски и грчки јазик. Статиите се следните: Место предговор, Поздрав од Европа, Почитувани и Куса историја на Абецедарот. Издавањето и промоцијата на Абецедарот во Грција била не многу пријатно прифатена, но сепак се изнашло разбирање за потребите на Македонците што живеат во Грција.