Амброуз Акинмусери | |
---|---|
Акинмусери настапувајќи во 2011 | |
Животописни податоци | |
Роден(а) | 1 мај 1982 |
Потекло | Оукленд, Калифорнија |
Занимања | Музичар |
Период на активност | 2000 - сè уште |
Мреж. место | www.AmbroseaKinmusire |
Амброуз Акинмусери (англиски: Ambrose Akinmusire) е американски џез трубач, инструменталист и композитор.
Акинмусери е роден во Калифорнија, каде што пораснал. Започнал да се занимава со музика уште од неговата најрана возраст. Така, почнал да свири пијано на четиригодишна возраст и до својата шеста година свирел госпел-музика во една црква. Неговото дружење со трубата започнало на возраст од 12 години, кога бил дел од еден џез-камп. Подоцна, учел во средното училиште во Беркли, а студирал на „Музичкото училиште на Менхетен“ (Manhattan School of Music), а магистрирал на „Универзитетот на Јужна Калифорнија“. Истовремено, студирал на Институтот за џез-музика „Телониус Монк“ (Thelonious Monk Institute of Jazz) во Лос Анџелес. Таму, ги сретнал големите џез-музичари Вејн Шортер, Херби Хенкок, Рон Картер и други.[1]
Акинмусери ја започнал својата музичка кариера многу рано како член на џез-ансамблот на Средното училиште во Беркли (Berkeley High School). Пресудно влијание врз неговото музичкото творештво имало анагажирањето од страна на познатиот саксофонист Стив Колман (Steve Coleman), кој го поканил осумнаесетгодишниот Акинмусери да свири во неговиот состав "Фајв елементс" (Five Elements) за време на европската турнеја.
Во 2007 година се случил уште еден настан од големо значење за неговата кариера - победата на Меѓународниот натпревар за џез "Телониус Монк", како и на Меѓународниот натпревар за џез труба "Кармин Карузо". Истата година, Акинмусери го издал својот прв албум "Prelude.... To Cora" за издавачката куќа "Fresh Sound New Talent".[2]
По преселбата во Њујорк, Акинмусери започнал да настапува со едни од најпознатите млади џез-музичари Виџеј Ајер (Vijay Iyer), Арон Паркс (Aaron Parks), Џејсон Моран (Jason Moran) и Есперанца Спалдинг (Esperanza Spalding). Исто така, тој учествувал на иновативниот мултимедијален концерт наслов „In My Mind: Monk At Town Hall, 1957“, организиран од Џејсон Моран.
Во тој период, Акинмусери го привлекол вниманието на Брус Ландвал (Bruce Lundvall), претседателот на издавачката куќа"Блу ноут рекордс" (Blue Note Records). Оттука, за оваа куќа, во 2011 година го издал својот втор албум "When the Heart Emerges Glistening". Во 2012 година, Акинмусери се здобил со две големи признанија од музичките критичари: Асоцијацијата на џез-новинари го прогласила за џез-трубач на годината, а истото признание го добил и од познатото џез-списание "Даунбит" (Downbeat).[2][3]
На 22 октомври 2012 година, Акинмусери настапил на Скопскиот џез-фестивал, придружуван од тенор-саксофонистот Волтер Смит III (Walter Smith III), пијанистот Сем Харис (Sam Harris), басистот Хариш Рагаван (Harish Raghavan) и тапанарот Џастин Браун (Justin Brown).[1]
|