Ацо Шопов | |
---|---|
![]() | |
Амбасадор на СФР Југославија во Сенегал | |
На должноста 1971–1975 | |
Лични податоци | |
Роден(а) | Ацо Шопов 20 декември 1923 Штип, Кралство Југославија (денес Македонија) |
Починал(а) | 20 април 1982 Скопје, СР Македонија, СФР Југославија | (возр. 58)
Сопружник | Светлана Шопова |
Родители |
|
Писателска кариера | |
Значајни дела | Список
|
Ацо Шопов (Штип, 20 декември 1923 — Скопје, 20 април 1982) — македонски поет и преведувач, член на МАНУ и еден од основоположниците на современата македонска поезија.
Шопов е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Тој бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија ДПМ и негов член од основањето во 1947 г., прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата (1962 г.), претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија, претседател на Сојузот на писателите на Југославија, член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од нејзиното основање (1967), член на Македонскиот ПЕН центар[мртва врска]. Основач, во 1951 г., и прв директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, а потоа долгогодишен директор на издавачката куќа „Македонска книга“, Ацо Шопов бил амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971- 1975) и претседател на Републичката комисија за културни врски со странство (1975-1979). Шопов бил уредник или главен и одговорен уредник на списанијата: „Нов ден“, „Млад Борец“, „Иднина“, „Современост“, „Хоризонт“ и сатиричниот весник „Остен“.
Роден во Штип, на 20 декември 1923 година, Ацо Шопов го поминал детството во родниот град, со браќата Димитар (1920-1972) и Борислав (1927-1996), татко му Ѓорѓи Зафиров-Шопов (1893-1944) и мајка му Костадинка Русева (1897-1942). Во Штип го завршил основното училиште и гимназијата.[1]
Уште како гимназијалец, во 1940 година, Ацо Шопов станал член на СКОЈ, а две години подоцна, се вклучил во антифашистичката борба,[1] во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада била и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај 1944 година и на која Шопов ѝ ја посветил прочуената песна „Очи”.
По војната, Ацо Шопов матурирал во родниот град и заминал за Скопје, каде ги завршил студиите на Филозофскиот факултет, на отсекот чиста филозофија.[1] Подоцна, работел како уредник во литературните списанија и весници Нов ден, Млад борец, Иднина, Хоризонт, Современост,[1] како главен уредник на сатиричниот неделник Остен, што го поттикнало да објави серија сатирични песни, подоцна групирани во збирката Јус-универзум (1968).
На 30 септември 1958 година, Ацо Шопов се венчал со Светлана Шопова[2] на која ѝ е посветена песната „Клошарска песна на поетот“.[3]
На 18 август 1967 година, Шопов бил избран како еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите, а една година подоцна и за дописен член на Српската академија.[1] Ацо Шопов бил добитник на највисокото југословенско признание, наградата „АВНОЈ“ (1970), како и на литературните награди: „Кочо Рацин”, за збирките Слеј се со тишината (1956) и Гледач во пепелта (1970); „11 октомври”, за преводот на Хамлет (1960) и за животно дело (1981); „Змаеви детски игри”, за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај (1967); „Браќа Миладиновци”, за збирката Песна на црната жена (1977).
По долги години посветени на издавачката дејност, претежно како директор и главен уредник на „Македонска книга“, во 1971 година, Шопов бил именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, земја која го инспирирала за збирката Песна на црната жена. За време на престојот во Африка, тој го превел изборот од поезијата на сенегалскиот претседател, Леополд Седар Сенгор, добитник на „Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата, во 1975 година. Истата година, Шопов бил именуван за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, но три години подоцна, болеста го присилила да го напушти активниот живот.
Ацо Шопов е автор на првата повоена книга на македонски јазик во слободна Македонија, Песни (1944), објавена во „Млад Борец”, Белград. Делегацијата на антифашистичката младина на Србија, којашто учествува на Вториот Конгрес на Народно-ослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ), во Скопје, од 6 до 8 јануари 1945, ги донесува печатените примероци во Скопје и ги подарува на учесниците на конгресот, на кој Ацо Шопов учевствува во својство на потпретседател на Главниот одбор на НОМСМ.
Неговата книга Слеј се со тишината е прва македонска збирка препеана на словенечки јазик, во 1957 год., а Јус-универзум е прва збирка сатирична поезија објавена на македонски јазик, во 1968 година.
За време на животот, Ацо Шопов има објавено тринаесет збирки поезија и исто толку избори од поезијата на македонски јазик, како и петнаесетина избори препеани на странски јазици.[4]
Ацо Шопов се занимавал и со преведувачка дејност. Меѓу неговите најпознати препеви се:[6]
Ацо Шопов бил добитник на повеќе награди, како:[6]
Според неколку видни критичари, меѓу кои спаѓаат и Георги Старделов и Катица Ќулавкова, во поетското творештво на Ацо Шопов може да се проследат неколку фази или кругови. Неговите први поетски творби, создадени пред, за време и непосредно по НОБ, биле под директно влијание на македонската народна песна и на пролетерската поезија и се одликуваат со скромни естетски вредности, но имаат големо значење како зачеток на македонската поетска мисла. Особено значајна во таа смисла е збирката Песни (1944), прва книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија во која, понесен од националниот занос, Шопов ги опева херојските подвизи на партизаните. Уште во 1945 година, во списанието Нов ден Димитар Митрев ќе забележи дека „нашите читачи ја оценија стихозбирката не само како литературна новост, но и како поетска творба, во која што се огледуе дарбата на еден надежен поет“. Критичарот ја издвојува песната „Љубов“ посветена на загинатата партизанка Вера Јоциќ, на која подоцна Шопов ќе ѝ ја посвети и познатата песна „Очи“. „Песната 'Љубов'“, пишува Митрев, „што е од почеток до крај една целосна поетска творба и во која што има нешто сосема ново, сосема авторско, зборува отворено за еден богат лиризам, за едно непосредно лирско чувство, што може да роди добра поезија и при повек’е организираност во него к’е може да ни даде вистински борбена, идејно-реалистичка поезија. Истото може да се рече и за 'Пробиштип'“.[8]
Две децении подоцна, за оваа прва фаза во творештвото на Шопов, Старделов ќе напише: „Неговиот стих е пркосен, акционен, често директен во идејната порака, притоа – секогаш револтиран, како во На Грамос, против неправдата, злосторството, предавството, мракобесието. Така директно и отворено ангажиран поет Ацо Шопов е само во оваа своја прва поетска фаза. Подоцна, тој ќе се повлече во себе и ќе се обиде да го одгатнува битието човеково, битието на опстанувањето, смислата на нашето поминување низ светот преку своето сопствено откритие, низ своето себеиспитување. Тој сега ќе ја истакне девизата на својата поетика според која само вистините за себе можат да бидат вистини и за други, зашто човек не може да ги осмисли другите ако не се осмисли најнапред себеси. Така почна втората фаза во поетската еволуција на Ацо Шопов, фазата на интимната лирика, која интегрално дојде до израз во неговата четврта книга поезија Стихови за маката и радоста (1953), како и во еден значителен дел песни во Слеј се со тишината (1955)“.[9]
„Кон средината на педесеттите години“, пишува Раде Силјан дваесеттина години подоцна, „во периодот на пројавата на полемичките искри во современата македонска литература, Ацо Шопов понудува еден вид модел на песна, што недвосмислено упатува на податокот дека поетот забраздува во поимпулсивни поетски сфери. Неговите рефлексивни изблици со песната „Во тишина" веќе добиваат поинакви, покондензирани и порефлексивни димензии: 'Ако носиш нешто неизречено /нешто што те притиска и пече / закопај го во длабока тишина, / тишината сама ќе го рече'. Овој прекрасен катрен, кој Димитар Митрев своевремено го нарече 'лирски медалјон', тврдејќи притоа дека е тоа 'најкраткиот, но и најубавиот општочовечки миг во нашата лирика' [10], на најубав можен начин потврди дека срцето и разумот на поетот се наоѓаат во најискрен дослух со човековото битие и дека на наједноставен начин се надополнуваат и проткајуваат.“[11]
Во врска со споменатите „полемичките искричења“ помеѓу „модернистите“ и „реалистите“ на македонската книжевна сцена Веле Смилевски смета дека „дејствувањето на Ацо Шопов [...] е важна и неодминлива димензија во македонската книжевна конфронтација од нејзините почетоци, во првите педесетти па cè до средината на шеесеттите години“ на дваесеттиот век. Потсетувајќи дека „еден од првичните поводи за излегување на полемичкиот мегдан“ беше објавувањето на стихозбирката Стихови за маката и радоста, Смилевски укажува на фактот дека во своите полемички текстови, Шопов „нема за цел да ги брани достоинствата на поезијата што ја пишува, туку да посочи неколку програмски пунктови што ce во непосредна врска со расправата околу таа поезија“, односно дека тие текстови „имаат карактер на дообјаснување и образложување на поетското вјерују“. Смилевски се осврнува и кон ставот на Шопов во врска со слободата на уметничкото творештво, тема на која тој исто така водел полемики на почетокот на шеесеттите години. Цитирајќи го текстот “Дилемите на писателот пред социјалистичката стварност“[12], во кој Шопов вели: „Одговорноста на уметникот пред општеството не е ништо друго, туку одговорност пред себеси, одговорност, строгост и бескомпромисност во и над својот творечки чин“, Смилевски заклучува дека “ваквите становишта на Ацо Шопов заслужуваат особено внимание“, пред сè кога се има предвид дека се тие „дел од дискусијата одржана на Четвртиот конгрес на Сојузот на комунистите на Македонија“.[13]
Во една таква литературна атмосфера се појавуваат Ветрот носи убаво време (1957) и Небиднина (1963). На промоцијата на првата, Георги Старделов, кој смета дека со неа се отвара третата поетска фаза во творештвото на Шопов, ќе рече, токму со оглед на дадената литературна атмосфера: „Вечерва се среќаваме, би рекол, со еден многу осамен поетски феномен во нашата литература, со феноменот Ацо Шопов. Кога велам осамен поетски феномен, тогаш го мислам следново: реткост, онтолошка реткост е во современата македонска литература да се сознае и прочувствува одданоста на поетот на самиот себе си, да се осети меѓата на поетовиот свет и при тоа да може да се констатира: на оваа, врз оваа меѓа длаби тој и тој поет, тука е неговото поетско царство, тука тој поетски ја адаптирал својата поетска органика и само тука може тој − потаму и на другоместо − не. Оваа ограниченост врз конкретно определена животна сфера, што е за мене од суштествено значење, се сметаше до скоро во нашата современа литература за поетско слепооштво, за поетско сознајна кусогледост”.[14]
За втората, Небиднина која излегува од печат пеосредно пред скопскиот земјотрес, Душко Наневски ќе напише: „Со оваа збирка Шопов го донесе она што го бараа многумина: го идентификува трагичното чувство на Небиднината како димензија на нашето постоење“. [15].
„Со песните Раѓање на зборот и Молитва за еден обичен но уште непронајден збор [од оваа збирка], Ацо Шопов сугестивно ја отвора темата на зборот во македонската поезија“, забележува Ефтим Клетников. „Тоа нагласување подоцна ќе има видливи рефлекси кај некои помлади поети (Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Чедо Јакимовски, Атанас Вангелов) кои исто така се обраќаат кон темата на зборот и песната, при што истата се трансформира во тема за самата смисла на пеењето, за опстојувањето во него како во простор и време, што е една од омилените теми на симболистите, а која добива актуелна теоретска експликација во Хајдегеровите толкувања на поезијата на Хелдерлин и Рилке. Јазикот веќе не е само посредник и иконографска арабеска, туку суштина во којашто се остварува индивидуалната судбина на поетот и песната како судбина на светот. Таа судбинска драма на личното како општо Ацо Шопов во Небиднина ја проецира низ призмата на најисконското и најтрајното човеково чувство и искуство – љубовта.“[16]
Со неа се отвора − според Катица Ќулавкова − третиот круг во творештвото на Шопов. „Во третиот поетски круг, пред сѐ означен со Небиднина (1963) и Гледач во пепелта (1970), продолжен како ехо во Песна на црната жена (1977), а најавен во Слеј се со тишината (1955), Ацо Шопов созрева во парадигматично добар поет, како во македонски јазични и културни рамки, така и во светски“, пишува таа. „По катарзичниот творечки пресврт, навистина радикален и продуктивен, поетот може да се сврти по трет пат кон поетското седиште и дом: кон поезијата во вистинска смисла на зборот, чиста и врвна, поезија во којашто се сублимираат различните составни делови и нивните својства и функции, во којашто звукот (се) осмислува полисемантичното, а смислата звучи полифониски, во којашто нема примат ни референцијалната, ни емотивната, ни апелативната, туку поетската функција. Таа ги преобразува поетските елементи и нивните својства и улоги, и тоа во склад со својот примарен интерес: интересот на песната“, забележува Катица Ќулавкова. „Песната се осмислува самата во себе“, вели таа, „општи и соопштува сложени мисли, интуитивни сознанија, откровенија, глетки и соновиденија. Песната има потреба од читател, но од оној вљубен во книжевниот уметнички израз, а не идеолошки или национално инструменталзираниот и институционализираниот и буден читател и критичар, когошто самиот Ацо Шопов, луцидно, остро и сатирично го карактеризира во песните од Јус-универзум (1968)“, збирка која според авторката „означува жанровско-стилски исчекор од лирскиот круг“.[17]
Збирката Јус-универзум којашто содржи 22 песни, објавувани во сатиричното месечно списание Остен, од септември 1966 година до октомври 1967 е единствената книга сатирична поезија на Шопов, а воедно е и првата македонска книга од овој жанр. Причините за отсуството на таквиот жанр во македонската литература Шопов ги бара во „нашиот своевиден комодитет, во напластеното сало на нашето спокојство и нечувствителност кога се работи за другите, во пречувствителноста кога сме ние во прашање, во недостигот на готовност да се видиме самите себеси во искривено огледало, да се потсмевнеме на себеси и на нашите општествени и приватни мани”.[18] За оваа книга, Миодраг Деуговац ќе забележи дека „поетскиот свет на овој наш дотогаш исклучителен лиричар е проширен со една и нова и специфична димензија, и во чие сатиричко артикулирање тој внесе многу од своја лирска природа и интелектуална честитост“.[19]
Во својот обемен поетски опус Шопов настојува да ги помири спротивностите: тагата и радоста, желбата и надежта, минатото и сегашноста. Притоа, тој речиси секогаш се наоѓа пред дилемата за идното време, нудејќи го вешто одговорот, кој не е со ведар набој, а неговата резигнација често е предадена во исповедна форма, во вид на сказна, на запис, на сведоштво. Во неговите песни е присутно дијалектичко проткајување и внатрешен немир, воспоставен на релацијата едника - колектив, а на зборот му придава космичка димензија. Огнот, времето и стеблото; зборот, љубовта и просторот; сонот, сонцето и пепелта - тие се главните пунктови на поезијата на Шопов. Тие се појавуваат во континуитет во целото негово творештво, а нивното проткајување е очигледно и неодминливо. Меѓутоа, изнесувајќи ги своите идеи и идеали, тој не бара компромис меѓу идејата и пораката, не настојува да филозофира, туку застапува спонтан, ненаметлив, често афористичен, но најчесто рационален и прецизен исказ. Неговата поезија се одликува со личен и национален ентитет, кој се трансформира во далекусежни универзални релации. Овие елементи, заедно со обемнито спектар на теми, придонесуваат Шопов да биде маркантна појава во современата македонска книжевност. Шопов понудил вистински модел на македонска, едноставна, но длабоко осмислена, песна, така што тој спаѓа во редот на најавтентичните поетски имиња во македонската поезија. Најпосле, со својата едноставност, оригиналност и амбивалентност, тој извршил големо влијание врз голем број македонски поети.[20]
Творештвото на Шопов е предмет на бројни критички статии и книги, како:[21]
Стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов била прославена на 21 март 2023 година, во Париз, во организација на МАНУ и на Фондацијата „Ацо Шопов — Поезија“ се одржал симпозиумот „Поезија: творештво, препев и оптек на делата на јазиците од помалите говорни подрачја“.[22]
Бахгат Елнади alias Махмуд Хусеин, Египет: „Поезијата на Ацо Шопов фасцинира со нејзината актуелност. Таа е пишувана пред неколку децении, а говори за она што се случува денес. Тоа е поезија против која времето не може ништо, зашто таа во себе носи нешто профетско. А нејзиниот автор останува наш современик“.[23]
Адел Рифаат alias Махмуд Хусеин, Египет: „Секој негов збор како да е пропратен со некакво мистериозно ехо што доаѓа од многу далеку и што го соединува со самиот извор на животот, онаму кајшто животот и смртта, победата и поразот, денот и ноќта пулсираат во еден заеднички, универзален ритам, од кој нашите лични чувства затреперуваат со неговите. Затоа, во поезијата на Шопов, се чувствуваме сосема свои“.[23]
Федерико Мајор, Шпанија, Генерален директор на УНЕСКО: „Поезијата − а особено поезијата на Ацо Шопов − нè извлекува од времето и просторот, за на мистериозен начин да нè укотви во траењето и во местата. Со сета своја јарост, не помалку интензивна од нежноста што под неа се крие, оваа поезија е збор на вистината упатен до најинтимното во нас. Колку со својот раскошен блескот, толку и во својот трепетлив ореол, таа е светлост што ни го покажува патот и ни нуди утеха во секојдневието.“ (1949)[24]
Пјер Сегерс, Франција: “Во Песни (првата збирка поезија објавена на македонски, во слободна Македонија, 1944 г.) младиот македонски јазик ја потврдува својата поетска вредност (…) Поезијата на Шопов ги буди мирисите, неименливите сокови на својата земја, односно онаа реалност, истовремено стварна и неопиплива, за која понекогаш се гине” (1976).[24]
Роман Кисјов, Бугарија: „Ми се чини дека поезијата на Ацо Шопов плени и фасцинира не само поради големиот талент и мајсторство на нејзиниот автор, туку и благодарение на нејзината возвишеност и идеализам, коишто – особено денес, во ова бездуховно, прагматично и технократско време – можеби делуваат речиси утописки и анахронично... но се во суштина носители на универзални вредности, свртени кон Човекот и исконите, оние вечни вредности на кои се темели и од кои црпи енергија човековото постоење...“[25]
Ацо Шопов (награда) е највисоко поетско признание што го доделува Друштвото на писателите на Македонија. Таа се доделува секоја година за најдобра поетска книга објавена во претходната година. Традиционално, таа се доделува заедно со другите три награди на ДПМ, на 13 февруари, на денот на основањето на ДПМ.
![]() |
„Ацо Шопов“ на Ризницата ? |
|