Владимир Бециќ

Владимир Бециќ
Роден(а)1 јуни 1886(1886-06-01)
Славонски Брод, Австроунгарија
Починал(а)24 мај 1954(1954-05-24) (возр. 67)
Загреб, Република Хрватска, Федеративна Народна Република Југославија
НационалностХрват
Познат(а) поСликар
Значајни деласликарство (масло и акварел), цртежи, графики
ПравецМодернизам

Владимир Бециќ (хрватски: Vladimir Becić), (роден во Славонски Брод, на 1 јуни 1886 - починат во Загреб, на 24 мај 1954) — хрватски сликар, познат по неговате дела работени во духот на Минхенската сликарска школа, извршил значајно влијание врз развојот на модерната уметност во поранешна Југославија и Хрватска.

Бециќ студирал сликарство во Минхен на престижната Академија на уметностите, заедно со Оскар Херман, Мирослав Краљевиќ и Јосип Рачиќ. Оваа група хрватски уметници се познати како хрватски уметници од 20 век или - Минхенски круг, нивното уметничко дејствување е суштинско во развојот на хрватската уметност на 20 век. По Минхен, Бециќ студирал и работел во Париз, а потоа, во 1910 година, се вратил во Загреб[1].

За време на Првата светска војна, Владимир Бециќ работел како воен дописник и илустратор од Македонскиот фронт, создавајќи серија слики со мотиви од воените дејствија. Живеел во Битола, каде што имал свое сликарско ателје и покрај воените сликарски и цртачки дописи, изработил серија на уметнички дела, особено на пејзажи со мотивска определба од околината на Битола.

Бециќ бил професор на Академијата за ликовни уметности во Загреб и член на Хрватската академија на науките и уметностите.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Слика Владимир Бециќ — Крал Петар I Караѓорѓевиќ во кола која ја влечат четири вола, создадена на 6 ноември 1915 во Јанкова клисура

Владимир Бециќ е роден во Славонски Брод на 1 јуни 1886 година.

Најпрво студирал право во Загреб, а воедно ги посетувал приватните уметнички школи на Менци Климент Црнчиќ и Бела Чикош Сесија. Во 1905 година, заминал во Минхен, каде што прво студирал кај Хајнрих Книр, а потоа на Академија на уметностите во Минхен. Во 1909 година, отишол во Париз, каде што се запишал во Академијата Гранд шомјер, а работел и како илустратор во списанието „Смеа“.

Бециќ потоа работел во Осиек, Белград и Битола. Тој ѝ се приклучил на српската армија непосредно пред избувнувањето на Првата светска војна.[2]

Во Битола, работел како гимназиски професор. Во градот и неговата околина Бециќ препознал инспиративни амбиенти и интензивно ги сликал во текот на целиот свој престој. Особено внимание посветувал кон природата и пејзажот како мотив, но негова главна тематска преокупација, како впрочем и на сликарите од минхенската школа бил човекот - човековата фигура насликана како акт или портрет, а доминантно изразно средство (под влијание на Пол Сезан му била бојата и интензивниот колорит.

Неговите слики се одликувале со широчината на потезот и динамика на тонските односи. Ова особено било изразено во периодот којшто историчарите на уметноста го именуваат како битолска фаза во ликовното творештво на Владимир Бециќ.

Од 1919 до 1923 година, Владимир Бециќ живеел и работел во селото Блажуј во близина на Сараево, создавајќи серија масла и акварели на пејзажи, пастирски претстави и селски амбиенти со заоблени волуминозни форми поставени во преден план на просторот и композицијата. Потоа се вратил во Загреб, каде што предавал на Академијата за ликовни уметности[3].

Во 1930 година, Владимир Бециќ, заедно со Љубо Бабиќ и Јеролим Мише ја формирале уметничката група Група три .

Бециќ во 1934 година станал член на Хрватската академија на науките и уметностите , во тоа време наречена Југословенска академија на науките и уметностите.

Починал во Загреб на 24 мај 1954 година.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Творештвото на Владимир Бециќ во првата фаза е поврзано со влијанието на Минхенската школа, во која спаѓаат и делата на Јосип Рациќ и Мирослав Кралевиќ. Тие внеле нови импулси и творечки ситуации во хрватското современо сликарство, напуштајќи го традиционалниот истрошен академски начин на ликовното претставување[4].

Тие биле под значајно влијание на сликарството на Вилхелм Лајбл и делата на импресионизмот особено на Едуар Мане.

Подоцнежните дела на Бециќ се поблиску до творечките принципи на Пол Сезан, во кои е нагласена композициската структурна ориентираност кон геометризмот во пејзажите и човечките фигури. Неговиот уметнички израз бил фокусиран на моделирање своевидна ликовна јасност и енергичности, а скиците во масло и акварелите ја изразуваат свежината на непосредната поединечна импресија, чувство и сензибилитет.

Неговото творештво се одликува со богата експресија и широка палета на бои и формирање форми со истакнати волумени[5].

Според Мирослав Крлежа, Бециќ заслужил високо место во историјата на хрватската модерна уметност.

Владимир Бециќ ја организирал првата самостојна изложба од современа ликовна уметност во Битола. Неговата улога во развојот на современото сликарство на Македонија е исто така од историска важност[6].

Поважни дела

[уреди | уреди извор]
  • Гуслар , 1906[7].
  • Студија на акт , 1906
  • Женски акт пред огледало , 1906
  • Даб , 1907
  • Акт на девојка покрај маса , 1907
  • Женски акт на девојка со весник , 1907
  • Акт пред огледало , 1908
  • Девојк со кукла , 1908
  • Портрет на Мирослав Краљевиќ , 1908
  • Автопортрет со полуцилиндер , 1908
  • Мртва природа , 1909
  • Лубеници , 1911
  • Планински пејзаж со поток , 1923
  • Вера , 1926
  • Селанка , 1926
  • Рибар , 1932
  • Девојката со цвеќиња , 1933
  • Малите косачки , 1934
  • Детето со пченка , 1935
  • Ракови , 1936
  • Рогатица , 1937
  • Товарење јаглен , 1938
  • Сомборски пејзаж , 1941

Самостојни изложби

[уреди | уреди извор]
  • 1910, Загреб[8].
  • 1914, Битола[9].
  • 1919, Загреб
  • 1984, Уметнички павилјон, Загреб
  • 2005, Уметничка галерија, Ровињ

Групни изложби

[уреди | уреди извор]
  • 1973, Минхенски уметнички круг, Уметнички павилјон, Загреб
  • 2007, Од фундусот на галеријата, Музеј на модерната уметност, Дубровник
  1. Vladimir Becić
  2. Nina Ožegović: Nepoznati crteži Vladimira Becića: Ratna tajna slikarskog klasika, Nacional, br. 655, 2008-06-02;
  3. Blažujem kod Sarajevo
  4. Items by Vladimir Becić
  5. Painting
  6. Сто години од првата ликовна изложба во Македонија
  7. „Croatia's modern art expression“. Архивирано од изворникот на 2021-08-03. Посетено на 2019-06-08.
  8. ARTIST Vladimir Becić[мртва врска]
  9. U Makedoniju sam otišao

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Каталог, Музеј на модерната уметност, Дубровник[1].
  • Каталог, Уметничка галерија Осијек
  • Музеј на модерната и современата уметност, Риека
  • Уметничка галерија, Сплит
  • Музеј на современата уметност, Загреб

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. katalog: Becić, Vladimir