„Збогум на 20 век!“ | |
---|---|
Податотека:G20C.jpg Постер на филмот | |
Режисер | Дарко Митревски Александар Поповски |
Продуцент | Дарко Митревски |
Сценарист | Дарко Митревски Александр Поповски |
Главни улоги | Владимир Ендровски Никола Ристановски Лазар Ристовски Владо Јовановски Петар Темелковски Софија Куновска Тони Михајловски Лилјана Велјанова Марин Бабиќ Звездана Ангеловска Јосиф Јосифовски Стево Спасовски Ненад Стојановски Емил Рубен Петре Арсовски Милица Стојанова |
Музика | Ристо Вртев |
Кинематографија | Владимир Самоиловски |
Монтажа | Петар Јакониќ |
Дистрибутер | Мирко и Славко Salt City Productions |
Премиера | 1998 |
Времетраење | 83 мин |
Земја | Македонија |
Јазик | Македонски Англиски |
Збогум на 20 век е македонски филм од 1998 година, режиран од Дарко Митревски и Александар Поповски, со Никола Ристановски, Лазар Ристовски, Лилјана Велјанова, Владо Јовановски, Софија Куновска и Тони Михајловски во главните улоги. Филмот е добитник на наградата „Méliès d'Argent“ за најдобар европски филм од областа на фантастиката на Меѓународниот Филмски Фестивал „Expo Cine“ одржан во Хелсинки во 1999 година [1][2]. Беше и македонски избор за номинација за Оскар за најдобар странски филм, но не успеа да влезе во потесниот круг на избрани.[3]
Збогум на 20 век е жанровски комбиниран филм, проткаен со разни библиско-митолошки теми и мотиви од народното творештво, како и со разни цитати и парафрази од целокупната светска филмска историја наназад. Самите автори тврдат дека се работи за оформување, раѓање на еден релативно спечифичен и нов жанр, што тие го нарекуваат ethno-groovy.[2]
Структурно и временски, филмот е поделен на три дела, рамковно врзани во една поголема, релативно релаксирана и наизглед не сосема јасно поврзано целина. Трите приказни се исполнети со огромна доза на насилство и чувство на емоционален очај.
Првиот дел се одвива во 2019 година, кога светот има изглед на некаква пост-апокалиптична рушевина. Човекот наречен Кузман (Никола Ристановски) е осуден на смрт од страна на номадско племе, но нивните обиди да го убијат завршуваат неуспешно. Причината е тоа што Кузман е Човекот-што-не-може-да-умре. Барајќи начин да го симне ова проклетство од себе, Кузман дознава од Берберот-Пророк (Владо Јовановски) дека на еден ѕид во Градот, чуван од Човекот-со-зелена-коса-кој-свири-на-пушка (Тони Михајловски), се испишани сите човечки судбини, и дека таму е напишана и неговата. Кузман тргнува во потрага и по борбата со Човекот-со-зелена-коса ја открива својата судбина и дознава дека, за да се ослободи од проклетството, треба да води љубов со сопствената сестра. Тој го прави тоа, и така успева да умре.[2]
Втората приказна е триминутен интерлудиум датиран во 1900[4] или 1919 година [5]. Презентирана како снимка на првата свадбена церемонија на Балканот, сцената се претопува во насилство кога се открива дека нововенчаните се, всушност, брат и сестра.[4] Тука, како лик повторно се јавува Берберот-Пророк - тој е снимателот на настанот - и преку него се врзуваат двете приказни.[2]
Третата приказна се одвива на Новогодишната вечер 1999 спрема 2000 година. Главен лик е Дедо Мраз (Лазар Ристовски), инаку потстанар во една соба во градот, кој, разочаран од расипаноста на луѓето, посебно од работите што му се случуваат токму на денот на преодот од еден милениум во друг, решава да го уништи светот точно на полноќ, на самиот преод во новиот милениум[2]. Дедо Мраз се враќа во својата соба каде што забележува дека се одвива погребна процесија. Тажењето се претвора во насилство, додека во позадина свири панк-верзијата на Сид Вишс на My Way.[6] Како лик, на почетокот од овој дел, се јавува и Кузман, главниот лик од првиот дел - како мало дете. Таа линија во филмот, заедно со Дедо Мраз кој на крајот од филмот ги испишува судбините на идните луѓе на еден од ѕидовите во градот (оној истиот ѕид којшто во првиот дел беше цел на Кузмановата потрага, се основните нишки што ја поврзуваат оваа приказна со другите две. На тој начин и се затвора кругот во рамковната приказна на филмот, и истиот - со тоа и завршува.[2]
Збогум на 20 век наидува на мешани реакции од филмските критичари. Денис Харви, во својот текст за списанието Variety, пишува дека "темпото на филмот е невоодначено, идејата и намерата често несфатливи, но стилски одлично изработениот "Збогум на 20 век" е впечатлив само врз основа на својата идиосинкретичност."[7] Роберт Фиршинг, пишувајќи ја својата критика за Чудесниот свет на култните филмови (The Amazing World of Cult Movies), вели дека филмот е "импресионистички крик на гнев и очај од една земја што опстојува на работ на воената линија со година, некој вид на кошмар без почеток и крај. Се добива чувство дека сите загрижени се веќе полудени, а токму тоа е и местото каде "Збогум на 20 век" и најмногу успева: без да прикаже и најмала сцена од состојбата на Балканот, успева да ги наслика ужасот и безмисленоста на регионалниот конфликт на начин на кој вообичаен воен филм би бил притиснат да успее."[8] Мејтленд Мекдона, пак, на филмот му дава 3,5 од можни четири ѕвезди, заклучувајќи дека истиот е "симултано цртанолик и елузивен" и дека претставува "опседнувачко дело на агресивниот поп-арт.".[5] Џејмс Берардинели, во својата рецензија за Reel Views, го оценува филмот со 1,5 ѕвезда од четири, пожалувајќи се дека "Поповски и Митревски изгледа уживаат во тоа да го направата филмот што е можно позабеган, и, иако резултатот можеби ним и им дава некаков ужиток, многу веројатно дека тој го има сосема спротивниот ефект на оние што седат во кино и го гледаат конечниот производ." Во контекст на ова, Берардинели сатирично забележува и дека "‘Збогум на 20 век’ успева да го постигне речиси невозможното: да направи [наративната линија на] ‘Изгубениот автопат’ на Дејвид Линч да изгледа конгруозна и линеарна."[4]
|
|