Кубер[1] (Кувер) бил прабугарски владетел кој најпрво управувал со дел од територијата на Срем, а потоа се населил на Балканот, во еден дел од Македонија.
Византискиот цар Јустин II (565-578) им отстапил на Аварите половината од денешната територија на Срем, а тие го освоиле и останатиот дел заедно со градот Сирмијум. Аварите на оваа територија ги населиле Ромеите (романизирано и хеленизирано население)[2], што ги заробиле при наездите на византиската територија на Балканскиот Полуостров. Овие заробеници биле населени со цел да ја обработуваат земјата и да обезбедуваат храна за Аварите. Во изворите се познати со името Сермесијани (Ромеи), а живееле 60 години под аварска власт.[2][3] Аварите после 670 година го поставиле Кувер да владее над нив како аварски вазал. Тој се побунил и со сето свое потчинето население пребегал во Византија.
Во првата половина на осумдесеттите години на 7 век од Панонија во Македонија доаѓа Куберовата орда, којa според проф. Микулчиќ e составена од 70,000 души,[4] во најголем дел Сермезијанци, Прабугари и припадници на други народи.[2] Според известувањето на анонимниот автор на Miraculi II:
Кубер се одметнал од аварскиот каган, го поминал со својот народ Дунав и се спуштил на југ сè до визнтиската територија и го запоседнал Керамесиското поле[5][6][7]
Доаѓањето на Кубер во Македонија е познат настан во историската наука и често за него е пишувано. Кубер со Сермесијаните во Македонија се населиле во соседството на словенското племе Драговити кое добило царска наредба да ги снабдува со прехранбени производи дојденците.[8] Собирајќи храна од Драговитите, Сермесијаните разбрале дека Солун не е далеку, и многумина од нив со своите фамилии побегнале во овој град[9]. Византијците од своја страна презеле мерки за да им помогнат на Сермесијаните, кои сакале да побегнат од Кубер, и да ги заштитат од Словените, односно од Драговитите.[2] Според анонимниот автор на Miracuki II, византискиот стратег Сесиние со својата морнарица и со одреден број на пребегнати Сермесијани, кои ги предводел Маур, се расположил западно од Солун и таму останал неколку дена.[10] Заговорот за заземањето на градот бил разоткриен, а Маурот и бегалците биле однесени во Цариград.
Најголемиот дел од истражувачите, Керамесиското поле го локализираат во Пелагонија. Всушност ваквата локација прв ја предложил Тафел уште во првата половина на 19 век[2], а подоцна од него ја прифатиле и останатите истражувачи кои Керамесиското поле го поистоветуваат со Прилепското или Битолското поле[2]. При одредувањето на локацијата на Керамесиското поле Тафел и неговите истомисленици поаѓаат од античката населба Керамија, која во Табула Појтингеријана се наведува на патот Стоби и Хераклеја, а во литературата најчесто се лоцира кај Прилеп[12]. Етимолошката поврзаност на имињата на двата топонима е очигледна и не може да се оспори. Таа е единствен аргумент на приврзаниците на ваквата локација[2]. Кај Битола Керамесиското поле го лоцираат: Златарски[13], Баришиќ[14], Бешевлиев[15], Муатфчиев[16]. На Прилеп предност му даваат: Лемерл[17], Владмилер[18], Поповиќ[19]. Меѓутоа треба да се истакне дека врз основа на анонимниот автор на Miraculi II Керамесиското поле треба да се бара во близината на градот Солун[2]. Кувер и Сермесијаните се населиле во соседството на словенското племе Драговити за кое се знае дека никогаш не го населувало Прилепското поле,[2] туку егзистирало северозападно од Солун, односно тие ги зафаќале просторите меѓу Солун, Воден и Бер.[2] Од тоа следува дека Керамесиското поле треба да се бара тука[2]. За нив може да се каже дека се соседни на Пелагонија но никако на Прилепското поле[2]. Не може да се тврди дека Битола и Прилеп не се далеку од Солун бидејќи Прилеп е оддалечен повеќе од 200 километри, а Битола нешто помалку од 200 километри од Солун, односно Сермесијаните заедно со своите жени и деца не би можеле да ја минат таа дистанција за неколку дена[2]. Затоа македонскиот историчар Коста Аџиевски смета дека Керамесиското поле треба да се бара поблиску до Солун, односно северозападно од него.[2] Од друга страна од Miraculi II откриваме дека кога Сермесијаните дознале дека Солун се наоѓал недалеку од нив, тие се упатиле кон градот[2]. Покрај вестите на анонимниот автор на Miracuki II за локацијата на Керамесиското поле, бугарските историчари сметаат дека има информација и во еден прабугарски натпис од Мадара на бугарскиот владетел Тервел, напишан по негова наредба меѓу 705 и 707 година. Според тоа толкување стрикото на Тервел, односно Кубер, ги населувал териториите околу (кај, покрај, во близина на) Солун.[20]
Во историската наука постојат различни мислења за идентитетот на Кубер. Според едни веројатно бил брат на бугарскиот хан Аспарух (и чичко на ханот Тервел) и дека неговите воени акции во реонот на Солун биле поврзани со бугарската држава на реката Дунав.[21][22][23] Според други легендата за синовите на Кубрат не е точна, а тоа дека само двајца се потврдени во историските записи (Аспарух и Батбајан), што оневозможува Кубер да му е син.[24] Трети пак ги изедначуваат Кубер и кнезот Кубрат, т.е. дека се исто лице и се работи за прабугарски наезди во Западниот Балкан.[25][26][27][28][29][30] Некои научници мислат дека недоволната количина на податоци ги овозможува сите тие теории.[31] За братот на Аспарух - Кубер зборува и професорот Блаже Ристовски.[32] Сепак во натписот на Тервел никаде не се спомнува Кубер, ниту пак може да се претпостави некакво постоење на прабугарско население во Македонија, туку очигледно станува збор за дипломатска мисија кај византискиот цар. Според македонскиот археолог Иван Микулчиќ, некрополата "Млака" пред тврдината во Дебреште, Прилепско, припаѓа на Кутригурите. Во Ерзеке кај Корча и во Врап блиску Елбасан се пронајдени многу златни предмети - така што некои предпоставаат дека тоа е богатството што Кубер му го украл на аварскиот каган во Панонија. Преовладува мислењето дека тоа е аварска благајна.[33][34] Според турскиот историчар Осман Каратај, Куберовите Прабугари имале полунезависна држава, ако не и Склавинија.[35] Самото име „Кубер“ има исто потекло со она на прабугарскиот род „Кубиар“[36], што се спомнува во еден натпис на кнезот Омуртаг. Постојат две теории за неговот значење, а тоа дека доаѓа од хуно-алтајскиот збор „куба/quba“ во смисла на „жолт“.[37] Другата теорија пак наведува на зборот „куби/kubi“, кој се среќава кај средноазиските туркиски јазици и значи „голем, славен“.[38]
Претставниците на бугарската историографија инсистираат на истакнувањето на прабугарскиот етнички елемент во етничката мешавина на Кубер[2]. Тие сметаат дека Кубер во Македонија ги донел Прабугарите, кои, како и Аспаруховите северно од Стара Планина, се измешале со Словените и ја измениле етнографијата на Македонија[2]. Според бугарските историчари, Кувер создал (покрај Аспаруховата) втора бугарска држава на Балканот со центар во Македонија[39]. Ваквата, очигледно, тенденциозна претпоставка нема реална основа[2], бидејќи изворите сосема јасно укажуваат дека огромното мнозинство од народот на Кубер го сочинувале Сермесијаните,[2] односно потомците на заробените Византијци,[2] како и самата локална ограниченост на населувањето. Освен тоа, македонските Словени не биле поданици на Кубер[2], бидејќи византискиот цар им издал наредба на Драговитите да ги снабдуваат со производи Сермесијаните[2]. Исто така бегалците накрај биле однесени во Цариград со бродови.
Познато е дека Словените на Балканот се населувале во повеќе бранови. Словенските материјални докази пронајдени во кругот Комани културата дават мислење дека дел од Словените на Балканот се населуваат заедно со црноморските народи и нивните водачи. Српскиот историчар Поповиќ смета дека Прабугарите имале посредничка улога во населувањето на дел од Словените на Балканот и дека Кубер влијаел во ослободувањето на Србите и Хрватите, како и на некои други словенски народи од власта на Аварите, кои подоцна се населуваат на Балканот.[40]
|