Куфалово Κουφάλια | |
---|---|
![]() Пат низ Куфалово | |
Местоположба во областа | |
Координати: 40°46.75′N 22°34.60′E / 40.77917°N 22.57667°E | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Солун |
Општина | Илиџиево |
Општ. единица | Куфалово |
Надм. вис. | 35 м |
Заедница | |
• Население | 8139 |
• Површина (км2) | 67,5 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Пошт. бр. | 571 00 |
Повик. бр. | +30-2391-xxx-xxx |
Рег. таб. | NAx-xxxx до NXx-xxxx |
Куфалово (грчки: Κουφάλια, Куфалија) — град во Солунско, Егејска Македонија, денес административен центар на општината Илиџиево на Солунскиот округ во Централна Македонија, Грција. Населението брои 8.139 жители (2011). Сè до 1924 г. било населено исклучиво со Македонци.[2]
Куфалово се наоѓа во Солунското Поле, 25 км северозападно од Солун, на десниот брег на реката Леска. Традиционално се состои од три маала: Горно, Средно и Долно Куфалово. Лежи на надморска височина од 35 м.[2]
Се смета дека кај Куфалово се наоѓал древномакедонскиот Ихне, чии остатоци се наоѓаат во денешната месност Тавас.[3]
Според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Горно и Средно Куфалово имало 135 Македонци[4] христијани, а во Долно 480 Македонци христијани, 25 Турци и 6 Роми.[5]
По Илинденското востание на почетокот на 1904 г. целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија.[6] Според податоците на езархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Долно Куфалово имало 336, во Средно — 656, а во Горно Куфалово 1.440 жители, сите Македонци.[4] Во местото се наметнале и бугарската и грчката пропаганда, така што во Долното и Средно Куфалово работеле бугарски училишта[7], а во Горното Куфалово работело тригодишно грчко училиште[8]. Бугарска настава се одвивала и во Горно Куфалово, но во истата 1905 г. е прекината, учителката е отпуштена и новиот учител е преместен во Средно Куфалово.[9] В 1908-1909 година в Куфалово е учител Л. Атанасов.[10]
Забележително е тоа што населението на Куфалово масовно се преселило во населбата Пирги во Солун, каде сочинувале силна заедница заедно со доселениците од Дебар.[11]
Куфалово страдало од грчката вооружена пропаганда на андартите. На 12 март 1907 г. во отсуство на турскиот гарнизон, андартската чета на капетанот Никифорос (Јоанис Деместихас) го нападала Горно Куфалово и наишол на отпор од само неклку милиционери. Грците убиле неколку селани, запалиле две куќи и грабнале неколку жители, меѓу кои и деца.[12] Мештанинот Божин Масларов бил одведен на воспитание во Атина, по што е вратен во Куфалово да работи како грчки учител. Поради честите напади на андартите, во Долно Куфалово се создадена селска чета на чело со војводата Пено Пејков, а во состав на четниците Глигор Узунов, Георги Кјаев, Иван Кривопетров, Мицо Тулев, Иван Чимидов и курирот е Кољо Циклев[13].
Угнетувањето на населението продолжило и понатаму со затворање на црквата, за што во 1909 г. мештаните испратиле жалба до турските власти.[14]
Во септември 1910 г. селото настрадало во разоружувачката акција на младотурците, запалувајќи неколку куќи, убивајќи четири мештани и измачвајќи многу други.[15]
Со Букурешкиот договор во 1913 г. е припоено кон грчката држава и македонското население било подложено на притисоци од новите грчки власти. На селаните им е забрането да учат на друг јазик освен на грчки, а селаните се насилно мобилизирани во грчката војска во периодот од 1912 до 1918 г., од што произлегло и дезертерство на бугарска страна. Грчките власти ги апселе и измачувале семејствата на дезертерите, да ги измачува и да им ги пали или одзема имотите. Во заштита на селаните застанал пратеникот од Ениџе Вардар, Сотирак Коџаманов.[16] Грчките офицери исто така ја прекинувале богослужбата и го тепале свештеникот бидејќи не пеел на грчки[17].
Поради големиот грчки терор, селаните од Куфалово продолжиле да го напуштаат и да се селат во Солун, што е забележано во 1914 г. Во неговиот патописен попис од 1917-18 г. Боривое Милоевиќ забележал дека Куфалово имало 320 македонски куќи, од кои 170 во Горно, 50 во Средно и 100 во Долно Куфалово.[2] Во 1920-тите, според спогодбата за размена на население меѓу Бугарија и Грција, голем број на мештани биле приморани да се иселат во Бугарија, особено во црноморскиот крај, во Равда[18], во Даутлии (Каблешково), Анхиало (Поморие) и други места[19]), а во Куфалово се доселени Грци кариоти, дојдени од бугарскиот град Кавакли (денес Тополовград). Во 1928 г. Куфалово е претставено како чисто доселеничко село, со 3.342 жители (956 семејства).[20]
Околу 80% од жителите на Куфалово се сметаат за потомци на Грци од Кавакли, а останатите се мештани, но и Грци дојдени од Источна Тракија и Мала Азија.[21]
Во Куфалово има три цркви: „Света Троица“ во Долно, „Свети Атанасиј“ во Горно и „Св. Ѓорѓи“ во Средно Куфалово. Од нив, во 1905 г. „Св. Атанасиј“ била под Цариградската патријаршија, но чијшто поп Ристо Ванчуров по средбата со Даме Груев се откажал од гркоманството и црквата долго време останала затворена. Грчките власти ја срушиле „Св. Троица“, а нејзините гробишта се ископани во 1924 г. На нејзино место е изградена нова црква со истото име.[22]
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 5337 | 5981 | 6479 | 6721 | 7269 | 7558 | 8102 | 8139 |
Селото припаѓа на општинската единица Куфалово со седиште во истоимениот град, која припаѓа на поголемата општина Илиџиево, во округот Солун. Воедно, градот е дел од општинскиот оддел Куфалово, каде влегува и селото Доганџиево.
Во Куфалово се произведуваат многу овошје, памук, жито, бостан и други земјоделски производи.[2]
![]() |
„Куфалово“ на Ризницата ? |
|