Селото се наоѓа во областа Дримкол, во северозападниот дел на територијата на Општина Струга, во западниот дел на Струшкото Поле.[3] Селото е ридско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 720 до 900 метри. Од градот Струга е оддалечено 26 километри.[3]
Атарот зафаќа простор од 7,3 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 393 хектари, на пасиштата отпаѓаат 147 хектари, а на обработливото земјиште 146 хектари.[3]
Населението на Нерези се најмногу се занимава со сточарство поради самата конфигурација на теренот. Исто така, во помала мерка е застапено полјоделството, а се одгледува и познатиот домат „воловско срце“, кој е многу застапен во струшкиот регион.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[7]
Населението во Нерези двојно се намалило и селото преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година селото броело 598 жители, а во 1994 година имало 232 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Нерези живееле 213 жители, од кои 212 Македонци и 1 Србин.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 106 жители, од кои 99 Македонци и 7 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Доселеници:Нелчевци (1 к.), порано се викале Деспотовци, по предокот Деспот, Деспот или неговиот дедо или татко се доселил од селото Стеблево, Голо Брдо; Секуловци (2 к.), мислат дека нивниот предок (Секула) се доселил од Подгорица, Црна Гора; Шопкини (2 к.), доселени се од мешаното село Кочишта, Дебарско; Нелчевци-Миленковци (1 к.), порано се викале Ќулинци, доселени се од некое село Нерези кај Прилеп (?); Црнјановци (4 к.), доселени се однекаде; Шапардановци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Модрич; Наумовци (1 к.), доселени се од селото Безово, каде припаѓале на родот Вељановци; Пупуновци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Јабланица, таму припаѓале на родот Пеливановци; Радевци (1 к.) и Ковачевци или Јанкуловци (1 к.), потекнуваат од ист предок, доселени се однекаде.
Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Луково.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото било дел од тогашната општина Луково.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Дримкол, во која покрај селото Нерези, се наоѓале и селата Безово, Јабланица, Лакаица, Луково и Пискупштина. Во периодот 1950-1952 година, селото Нерези било седиште на некогашната општина Нерези, во која влегувале селата Луково, Нерези и Пискупштина.
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 18 ноември 2018.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.