Нивици Ψαράδες | |
---|---|
Поглед на Нивици | |
Координати: 40°49.75′N 21°01.52′E / 40.82917° СГШ; 21.02533° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Западна Македонија |
Округ | Лерин |
Општина | Преспа |
Општ. единица | Преспа |
Надм. вис. | 860 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 73 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Извадок од говор на маж од с. Нивици, Мала Преспа, раскажан месниот долнопреспански дијалект. | |
Проблеми со пуштањето? Помош. |
Нивици (грчки: Ψαράδες, Псарадес; до 1927 г. Νίβιτσα, Нивица или Νίβιστα, Нивиста[2]) — село во Преспа, Егејска Македонија, денес дел од општината Преспа во Леринскиот округ во Западна Македонија, Грција. Населението брои 73 жители (2021), сите Македонци.[3]
Селото се наоѓа во најјужниот дел на големото Преспанско Езеро, на подножјето од продолжетокот на Галичица, наречен Сува Гора, на надморска височина од 860 м.[3] Во близина е тромеѓата на денешна Грција со Р Македонија и Албанија. Нивици е сместено на полуостров, кој самиот има долг тесен залив, крај кој лежи селото. Атарот зафаќа 16 км2.[3]
Ова е список на позначајните топоними во Нивици и неговата околина:[4]
Баба, Бочка, В’мбелски Бунар, В’мбелски Јамбол, Волчеа Дупка, Вртељката, Големиот Рид, Горна Мијојца, Голината, Глабока Падина, Дева, Дрениче, Даруља, Зелениката, Изгорен Чкор, Икона, Јамбел, Јонча, Купаска Падина, Лозата, Лозјата, Лоишта, Мијојца, Мирчевски Трла, Мост, Накол, Нивици, Окница, Осоо, Полената, Под Присоо, Подложник, Рот, Рамнина, Сува Чла, Св. Спас, Св. Никола, Св. Атанас, Стог, Средни Рид, Стрната, Тутуновски Падиње, Филакијата, Црвенски Рид, Черешните.
Селото првпат се спомнува во XV век.[5]
Селската врква „Успение на Пресвета Богородица“ датира од крајот на XIX век и има статус на заштитено културно добро.[6]
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Нивици (Nivitzi) било село во Ресенската каза со 30 домаќинства и 92 жители Македонци.[7][8]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. в Нивица било село во Битолската каза со 200 жители, сите Македонци христијани.[7][9] По Илинденското востание во 1904 г. целото село преминало под врховенството на Бугарската егзархија.[10] По податоците на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Нивици (Nivitsi) имало 528 Македонци.[7][11] Црквата „Пресвета Богородица“ е изградена во 1893 г.[12]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Нивици се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 70 куќи.[13]
Според Георги Трајчев, во 1911/12 г. во Нивици имало 72 куќи со вкупно 696 жители, црква со два свештеника и училиште со еден учител.[14]
Со Букурешкиот договор во 1913 г. Нивици е припоено кон грчката држава, кога имало 674 жители. Во неговиот патописен попис од 1917-18 г. Боривое Милоевиќ вели дека во селото имало 93 македонски куќи.[3] Во 1927 г. грчките власти го преименувале во Псарадес.[15] Во 1928 г. во државниот попис се заведени 585 жители.[3]
Селото настрадало во Граѓанската војна кога дел од жителите се преселиле во Р Македонија, но селото сепак не се растурило.[3] На 25 и 26 март 1949 г. во Нивици е одржан Вториот конгрес на НОФ. Сепак, намалувањето на населението продолжило и понатаму, особено поради големото иселување во прекуокеанските земји и поголемите градски центри.[3]
Во истражувањето спроведено во 1993 г. е утврдено дека селото е чисто „славофонско“ и дека македонскиот јазик во него е зачуван на средно ниво.[16]
На 17 јуни 2018 година во селото бил потпишан контроверзниот Преспански договор (наречен и „Договор од Нивици“) од шефовите на дипломатијата на Македонија, Никола Димитров и Грција, Никос Коѕијас за решавање на спорот околу името „Македонија“ помеѓу двете земји.
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 770 | 433 | 430 | 247 | 167 | 144 | 158 | 83 | 73 |
Македонски родови од селото, сега и во минатото:
Ајдиновци, Аспровци, Бегутому, Бачетому, Балиловци, Видиновци, Вељановци, Видинчевци, Гинчевци, Димановци, Јанковци, Капедановци, Коруновци, Кузмановци, Ликотому, Мирчевци, Наставчетому, Николовци, Панчетому, Пришетому, Поповци, Петковци, Русковци, Ристановци, Секуловци, Штерјовци, Трпејчини, Тутуновци, Транои, Талетому, Треневци и Шалчетому.[17]
Според истражувањата на Бранислав Русиќ од 1949 г.[18] и Владо Јовановски од 1990-тите, ова се подалечните или поблиски потомци на родови од Нивици кои живеат во разни населени места. Бројот на куќи (означен со „к.“) се однесува на состојбата кон крајот на 1940-тите забележана од Русиќ.
Селото припаѓа на општинската единица Преспа со седиште во Р’мби, која припаѓа на поголемата општина Преспа, во округот Лерин. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Нивици, во кој спаѓа и селото Винени.
Главно занимање на мештаните е риболовот. Се ловат големи количества риба (Симовски споменува 500 тони)[3] и постои рибарска задруга.
|