Пепелиште | |
Поглед на селото Пепелиште од ридот над него, а во позадина се гледа селото Криволак | |
Координати 41°31′08″N 22°07′41″E / 41.51889° СГШ; 22.12806° ИГД | |
Регион | Вардарски |
Општина | Неготино |
Население | 992 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1441 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 18024 |
Надм. вис. | 140 м |
Слава | Илинден |
Пепелиште на општинската карта Атарот на Пепелиште во рамките на општината | |
Пепелиште на Ризницата |
Пепелиште — село во Општина Неготино, во околината на градот Неготино.
Пепелиште се наоѓа во средишниот дел на Македонија во регионот на средниот дел на областа Повардарие во Тиквешката Котлина, на левата страна од реката Вардар. Сместено е на самиот лев брег на Вардар, веднаш наспроти селото Криволак. Веднаш крај самото село Пепелиште води новоасфалтираниот регионален пат Р - 108 Прилеп - Неготино - Радовиш кој води од Неготино за Радовиш и Штип, односно долината на реката Крива Лакавица.[2] Од градот Неготино е оддалечено околу 6 километри во источен правец.[2]
Селото Пепелиште лежи во рамнината на снижените делови на една тераса висока околу 40 метри на левиот брег на Вардар.[3] Над селото од источната страна се издигнува планината Серта, на чие благо закосено подножје се изградени селската црква и куќите. Во тој предел над селото под отсеците на падината наречена Мелуја во Вардар се влева Вештанска Река, а под селото се влева Ветуничка Река.
Пепелиште е рамничарско село сместено на надморска височина од 130 метри[2], во малото таканаречено Пепелишко Поле кое заедно со целата околина има изразит степски карактер со пепелаво сива боја на изглед. Атарот на Пепелиште е голем и зафаќа простор од 38,2 км2, на кои пасиштата заземаат површина од 2.195 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 1.158 хектари. Селото Пепелиште се дели на седум краеви - маала: Кантуровско, Тангуровско, Моктапашово, Чебовско, Кајовско, Пашагино и Долно.[3]
За селото Пепелиште постои и урбанистички план[2], според кои се гради и развива населбата.
Корените на село Пепелиште се простираат далеку во историјата што може да се заклучи од археолошките ископувања кој откриваат дека овде се живеело уште во времето на античка Македонија и римското време.
Во атарот на селото Пепелиште била пронајдена средновековна некропола во нивата на еден од локалните селани во 1989 биле откриени 2 гробови, со подоцна соработка меѓу Музејот на град Неготино и Институтот за истражување на старословенската култура од Прилеп биле откриени уште 30 нови гробови. Истражувањата продолжиле и следната година биле пронајдени уште 46 гробови, односно се нуменирани 76 гроба. Истовремено, северно од некрополата се пронајдени остатоци на населба. ѕидови, тули, градежен шут, камен и др. планираните истражувања за оваа населба не се извршени но се сметало дека има поврзаност со некрополата.[4] Насочеността на гробовите е според христијанскиот канон, од запад кон исток, со вообичаените мали отстапки кон север или југ поради сезонските отклони на сончевиот изгрев. Меѓу сите гробови откриени се 13 кои припаѓале на машки поединци, 32 на женски и 30 на деца, над третина од скелетите биле над возраста од 40, а некои над 60 што за тој временски период би докажало до добар начин на живот за закопаните поединци.[5] Во градбата на погребаните е забележана таа на медитеранидите. Од накит, кај 21 од 30 гробови е најден некој вид на накит, а најчесто тоа биле прстени и наушници, а најдени се и стаклени белегзии, метални белегзии, ѓердан и амајлија. Кај женските 25 од 32 гробови се со накит во кои се пронајдени: прстени, метални и стаклени белегзии, украс за глава, откршок од монета, фрагменти од обетки и др. Додека пак кај машките поединци не биле пронајдени наоди со ретки исклучоци. Оние со најбогати и најбројни накити биле млади жени покојници.
Во однос на настанокот на сегашното село Пепелиште е едно од селата во Тиквеш кое избегнало уништување и преместување во време на турското ропство.[3] Затоа, Пепелиште меѓу населението се смета дека е староземанско односно е настанало и постоело уште пред доаѓањето на турските поробувачи во XIV век.[3] Први жители на селото биле Македонците и Турците. Кон крајот на XVII век настанал голем и насилен процес на исламизација („потурчување“) на многу христијански села во рамнината на Тиквешката котлина, предводен од некојси Кара-паша кој од Дебар се населил во Сопот, при што меѓу другите било опфатено и селото Пепелиште.[3] Имајќи предвид дека Пепелиште е прво големо село кое се наоѓа на левиот брег на Вардар на влезот на многу важниот пат од Радовишко-штипскиот Јуруклук во Тиквеш, тоа во XVII и XVIII век се нашло на удар и од Турците - Јуруци кои во голем број се населиле во непосредната околина во селата од левата страна на Вардар. Потоа и самото Пепелиште станало седиште и центар од каде се спроведувало потурчување на околните села од страна на неговиот тогашен жител Кантур-бег кој како владетел на овој предел бил познат меѓу народот како голем крвник, насилник и силеџија.
За селото Пепелиште во својот патопис за Тиквеш насловен како „Љубљано-Пеонија“ објавен во „Цариградски весник“ на 12 февруари 1855 македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот запишал дека тоа има прекрасно изградена џамија чие минаре е највешто направено и е ретка красота, а во селото имало и прекрасен палат кој бил една од најубавите европски градби по европски терк, но го запалиле и тоа станало пепел[6] По Балканските војни во 1912/1913 Турците се иселиле во Солун при што нивните куќи биле запалени.[7]
На почетокот на XX век настанува промена во населението на селото со доселувања на луѓе од различни страни и краишта: во 30-тите години на XX век во селото биле населени српски колонистички семејства, а пред Втората светска војна во селото се населиле и Македонци од селото Горица (денешна Албанија), кај Преспанското Езеро. И последниот бран на населување е во поново време со ромски семејства.
Името на селото Пепелиште потекнува од македонскиот јазик од зборот пепел, односно именката пепелиште која што означува место што е уништено од пожар, војна, земјотрес; силна прашина во воздухот, виор од прашина; место каде што има многу пепел, обично во огниште[8]. Меѓу населението постои преданието дека Пепелиште своето име го добило по легендата од времето на Отоманското Царство која вели дека селаните му ја пресекле главата на локалниот турскиот бег и ја запалиле, а од истата која се влечела по земјата се запалило целото село и сè се претворило во пепел.[7]
Друг можен извор за настанок на името на селото е постојаната прашина која ја носи ветерот од околните ридови со сиво-бела боја во летниот период која наликува на пепел. Честа појава во Македонија е места кои се наоѓаат во карпести, каменести и соголени предели и околини каде што преовладува сивата боја да се именуваат по именката пепел, како што се на пример врвот Пепелјак на планината Караџица, месноста Пепелавец во карпестата клисура Пешти на реката Бабуна. Така и во околината на Пепелиште преовладува сивата пепелава боја поради голите каменести и карпести падини на Серта (раселено село Пештерица) и самата сува почва на селото.
Стопанството е послаба страна на село Пепелиште, иако селото има доста развиен стопански живот во земјоделието, трговијата и индустријата, сепак голем број на негови жители се исклучително сиромашни и социјално загрозени, при што работат како надничари орајќи, копајќи, берејќи или товарејќи земјоделски производи. Жителите претежно се земјоделци и одгледуваат винова лоза, дињи, пиперки, праски. Со одгледување на пипер (зелена, црвена, ајварка) се занимава секоја куќа при што вообичаениот принос изнесувал 200 тони на годишно ниво, што во моментов е во опаѓање.[7]
Покрај пиперот од градинарските култури се одгледуваат и патлиџани (домати) кои заедно со пиперките се преработуваат во зимници и кечапи во блиските прехранбени фабрики „Ким“, „Македонија“ во Неготино. Во многу голема мерка се одгледува бостан, односно дињи и лубеници, при што Пепелиште е едно од селата кои се најголемите производители и извозници на дињи во Македонија. Како најголем производител на дињи, како и на пиперки, домати и праски, во летниот период Пепелиште е место каде што директно се врши откуп на зеленчук, овошје и земјоделски производи. Во последните години во поголеми размери е започнато одгледувањето на тутун, кој дава средни приноси.
Поради поволните климатски услови на атарот на Пепелиште во доцната есен и во текот на зимата на зимување се носат голем број на стада овци од Западна Македонија кои престојуваат во бројните трла во самото село и неговата околина сѐ до средината на пролетта. Мал дел од населението одгледува и крави, волови, телиња и друг крупен добиток како и доста кози и живина (кокошки, мисирки).
Во Пепелиште има 5 продавници како и една спортска обложувалница, интернет кафе, дискотека во летниот период, сепарација за песок, земјоделска аптека и земјоделска задруга односно комбинат „Александар Илиев“ кој моментално не работи во полн капацитет бидејќи сточарската фарма за одгледување крави и овци е надвор од употреба. Во моментов во Пепелиште во завршна фаза на изградба е производствен погон на фабриката за кабли „Про Зденка Кабли“ од Неготино.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Пепелиште живееле 984 жители, од кои 850 Македонци муслимани, 80 Македонци христијани и 54 Роми.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 25 до 50 Македонци, 25 до 50 Турци, 25 до 50 Албанци и 25 до 50 Унгарци.[10]
Според пописот од 2002 во село Пепелиште живеат 1.070 жители, и тоа:[11]
Поради поволната местоположба Пепелиште бележи постојан пораст на бројот на своите жители. Така, во 1961 година во Пепелиште живееле 818 жители, од кои 530 биле Македонци, 221 Србин и 66 Турци, додека во 1994 бројот на жителите се зголемил на 1033 од кои 717 Македонци, 233 Срби, 58 Турци и 20 Роми.[2] Бројот на Македонците за разлика од доселувањата порано во последниот период бележи постојан и стабилен пораст пред сѐ поради природниот прираст, додека бројот на Роми е зголемен поради скорешните доселувања. Постојано намалување бележи бројот на Турци, а од последниот попис во опаѓање е и бројот на изјаснетите жители како Срби.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 992 жители, од кои 642 Македонци, 9 Албанци, 74 Турци, 64 Роми, 130 Срби, 10 останати и 63 лица без податоци.[12]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Пепелиште:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | 723 |
1953 | 471 | — | 61 | — | 180 | 32 | — | 744 |
1961 | 530 | — | 66 | — | 221 | 1 | — | 818 |
1971 | 597 | — | 70 | — | 189 | 7 | — | 863 |
1981 | 673 | — | 42 | — | 217 | 43 | — | 975 |
1991 | 712 | — | 42 | 28 | 233 | 20 | — | 1.035 |
1994 | 717 | — | 58 | 20 | 233 | 5 | — | 1.033 |
2002 | 796 | — | 33 | 25 | 194 | 22 | — | 1.070 |
2021 | 642 | 9 | 74 | 64 | 130 | 10 | 63 | 992 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Според истражувањата од 1920-1924 година во селото живееле само муслимански родови, и тоа:
Речиси сите семејства кои живеат во Пепелиште потекнуваат од доселеници од разни краишта. Македонските семејства Наумови и Паунови во Пепелиште потекнуваат од с. Горица во Мала Преспа, Андови потекнуваат од Корча, Стојанови, Јованови, Ѓорѓиеви, Јаневи, Насковски, Мицкови, Атанасови, Илиеви, Михајлови, Темелкови, Василеви, Величковски и останатите се доселени од соседните села преку планината Серта во Радовишко, тиквешките села во повисоките предели на висорамнината Витачево и Кожуф, Кривопаланечко и Кумановско. Поголемиот дел од семејствата кои се изјаснуваат како Срби потекнуваат од изворишниот дел на реката Пчиња во југоисточна Србија поради што тие од бугарските власти во Втората светска војна биле оставени да живеат во селото, за разлика од останатите српски колонистички семејства од Шумадија, Лика, Далмација кои биле протерани.
Во село Пепелиште има голем број на општествени установи од различен карактер пред сѐ за услужно-управни, верски, образовно-потребни и културни потреби.
Селото се наоѓа во Општина Неготино, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на општината Неготино и во периодот 1957-1962 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Пепелиште, во која покрај селото Пепелиште, се наоѓале и селата Брусник, Војници, Јанешево, Кзлањево, Криволак, Липа, Пепелник, Пештерница, Црвени Брегови и Џидимирци. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во рамките на тогашната општина Криволак, во која покрај Пепелиште, влегувале и селата Брусник, Криволак, Пештерница и Џидимирци.
Во селото постои избирачкото место бр. 1228 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница. Во ова избирачко место е опфатено и селото Пештерница.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 840 гласачи.[14]
Фудбалскиот клуб Победа е единствениот спортски клуб од Пепелиште. Во најдобрите денови Победа во 90-тите години била на чекор до влез во втората сојузна лига. Имало период на пауза, но клубот повторно започнал да игра во 2003 година. Позначајни успеси во новиот перид се 2. место во општинскиот фудбалски куп Неготино во 2004 година и 1. место во фудбалската лига на Неготино, а истовремено и во Купот 2005 година. Најзначаен натпревар на Победа е оној со ОФК Београд кој завршил со резултат 3-1 за ОФК Београд, член на 1. српска лига. Во поново време, оној со Вардар Неготино кој заврши 7-4 за Вардар, инаку член на Втората фудбалска лига на Република Македонија.
Постојат многу мал број на иселеници од Пепелиште од кои има иселеници во Србија, САД, Англија, Австралија и Ирска.
Од родот Кантаровци имало иселеници во Штип (6 семејства од 1860 година), Радовиш (едно семејство од 1870 година), Струмица (едно семејство од 1880 година) и во Истанбул (едно семејство од 1915 година). Од 1924 година огромен дел од муслиманите се иселиле во Турција.
|