Фондација ERSTE | |
---|---|
Тип | Австриска приватна фондација |
Основана | 2003 |
Седиште | Виена, Австрија |
Потекло | Правен наследник на Првата австриска штедилница (Erste oesterreichische Spar-Casse), формирана 1819. |
Опслужувано подрачје | Централна, Источна и Југоисточна Европа |
Задршка | Општествен развој, култура, европска интеграција |
Метод | Финансирање оперативни активности и обезбедување неповратна помош (грантови) |
Приход | Најголем поединечен сопственик на удели во Erste Group Bank AG |
Вработени | над 30 |
Мреж. место | www.erstestiftung.org |
Фондацијата ЕРСТЕ (германски: DIE ERSTE österreichische Spar-Casse Privatstiftung, или ERSTE Stiftung) е фондација на најголемата австриска штедилница. Формирана е во 2003 година, на темелите на Првата австриска штедилница (Erste Oesterreichische Spar-Casse), која била формирана во 1819 година. Како фондација на приватна австриска штедилница, посветена е на општата добросостојба на општеството. Освен тоа, има и посебна улога како најголем сопственик на удели во Erste Grupe. Фондацијата ЕРСТЕ ја користи добивката од своите удели со цел да го поддржи развојот на општествата во централна и Југоисточна Европа.
Фондацијата ЕРСТЕ е активна во Централна и Југоисточна Европа. Нејзината мисија е заснована врз идејата на штедилница од 19-от век. Таа го поддржува општественото учество и активизмот на граѓанското општество; се обидува да ги здружи луѓето и да го пренесе знаењето за неодамнешната историја на регионот којшто претрпе драматични промени од 1989 година. Како активна фондација, таа развива сопствени проекти во рамките на три програми: Општествен развој, Култура и Европа.
Фондацијата го поддржува развојот на поправедни и посилни општества во кои никој нема да се чувствува запоставен. Од таа причина направени се две комплементарни стратегии на општествено учество: интеграција на поединци и групи кои живеат на маргините на општеството и барање начин за остварување општествени промени. Преку активностите на Фондацијата се создаваат еднакви можности за луѓето кои живеат во тешки општествени услови и ситуации кои бараат неодложна помош кога се работи за образование и општествено учество.
Програмата која што се занимава со културата е најактивна во меѓународни, регионални проекти и опфаќа истражувања кои се насочени кон визуелната уметност од 1960-тите години до денес. Културата се смета за движечка сила на демократското општество, благодарение на својата способност да создава врски помеѓу различните јазични и географски региони. Работата со различни уметнички стратегии создава поле за експериментирање на темата утопија и за предлози надвор од границата на остварливост на секојдневната политика, како и за истражување на можностите на различните уметнички пристапи. Благодарение на тоа, културната програма промовира независни проекти, како и проекти кои спаѓаат во секторот култура, давајќи им поддршка со ресурси и со прекугранични контакти кои се одвиваат преку државните институции, со цел да се запре таканаречениот одлив на мозоци.
Фондацијата го промовира процесот на европска интеграција, создавајќи платформа за размена на идеи, знаења и иницијативи. Европејците се поттикнуваат да живеат во склад со заедничките вредности, слободно да разменуваат идеи, да работат заедно и да учат едни од други. Проектите најмногу се занимаваат со воспоставување жива култура на дијалог. Во опкружување во кое се инсистира на меѓусебни разлики, на луѓето треба да им се овозможи да доживеат солидарност, поврзаност и соработка. Проектите ја антиципираат реалноста на обединета Европа и го пренесуваат потенцијалот на Унијата, особено во оние земји во кои во овој момент сè уште не е овозможено спроведување на програмите на ЕУ. Во центарот на вниманието се работата со млади луѓе, програмите за новинари и дебатите за иднината на Европа.
Со оглед на тоа што ја претставува фондацијата на штедилницата, Фондацијата ЕРСТЕ е посветена на идејата за општествена штедилница од 19-от век. Според тоа, таканареченото социјално банкарство и финансиската инклузија претставуваат клучна тема во рамките на програмата под наслов Општествен развој. Најпознати проекти од оваа област се:
Почнувајќи од 2007 година, секоја втора година се доделува Наградата на Фондацијата ЕРСТЕ за општествена интеграција на проекти кои успешно поттикнуваат општествена интеграција на луѓето во локалните заедници. Во текот на јавниот конкурс, се избираат 30 победници од приближно 1000 пријавени проекти од 12 земји (конкурс за 2011 година) кои добиваат парични награди во вкупен износ од 610.000 евра. Освен тоа, на невладините организации кои ќе добијат јавно признание им се дава бесплатна PR поддршка при работата на проекти, како и пристап кон меѓународната мрежа на невладини организации. Церемонии на доделување награди до сега се одржани во Љубљана (2007), Букурешт (2009) и Прага (2011).
Во 2008 година Фондацијата ЕРСТЕ ја востанови Наградата за култура и теорија ”Игор Забел”. На овој начин се поддржува работата на историчарите на уметност и теоретичарите во регионот на Средна и Источна Европа, а се претставуваат сознанија за уметноста и културата со поттикнување на собирањето и размената на знаења во областа на културата меѓу ‘истокот’ и ‘западот’. Наградата е наречена по словенечкиот автор, уметнички критичар и кустос, Игор Забел (1958–2005), виш кустос во Модерната галерија во Љубљана, кој бил заслужен за воспоставување културни врски меѓу Источна и Западна Европа.
Корените на Фондацијата ЕРСТЕ датираат уште од 19-от век. Првата австриска штедилница „Erste österreichische Spar-Casse“ е формирана во 1819 година.[1] Како резултат на амандманите на австрискиот Закон за штедилници, во 1993 година “Erste österreichische Spar-Casse” е поделена на оперативна банка (Erste Bank AG) и холдинг компанија (DIE ERSTE österreichische Spar-CasseAnteilsverwaltungssparkasse, скратено: AVS). Ерсте Банката, која е споена со Giro Credit Bank AG der Sparkassen, излезе на берзата во 1997 година и на тој начин AVS стана најголем сопственик на удели во компанијата која од тогаш се наоѓа на списокот на Виенската берза. Во 2003 година AVS е формално трансформирана во DIE ERSTE österreichische Spar-Casse Privatstiftung, скратено: ERSTE Stiftung (Фондација ЕРСТЕ), која започна да работи по две години.
Во првиот голем проект ја вклучи Zweite Wiener Vereins-Sparcasse, односно Zweite Sparkasse, која е формирана во 2006 година и мрежата на Академијата на централно европски школи (aces), која беше основана истата година. Во 2007 година е одржано првото доделување на Наградата за социјална интеграција на Фондацијата ЕРСТЕ во Љубљана и отворен е првиот конкурс за Балкански стипендии за новинарска извонредност. Наградата за култура и теорија „Игор Забел“ и формирањето на организацијата „good.bee“ следеа во 2008 година. Во 2009 година телевизиските станици ORF и 3sat први ја емитуваа документарната ТВ серија „Балкан Експрес“ (Враќање во Европа), а Наградата за општествена интеграција на Фондацијата ЕРСТЕ е доделена по вторпат на церемонијата што се одржа во Букурешт. Најголем проект до сега од областа на културата претставуваше изложбата „Gender Check“, отворена во виенскиот музеј МУМОК во 2010 година. Истата година, Турнејата за општествено претприемништво со Мухамед Јунус помина низ шест источноевропски земји, со цел да го претстави концептот на општествено претприемништво како облик на одржлива стопанска активност, и тоа во Виена, Братислава, Будимпешта, Прага, Букурешт и Белград. Истата година, Наградата за култура и теорија „Игор Забел“ му е доделена на полскиот историчар на културата, Пјотр Пјотровски во Барселона. Во 2011 година, Наградата за општествена интеграција на Фондацијата ЕРСТЕ во својот трет циклус е доделена во Прага на 34 проекти од 12 земји.
Фондацијата ЕРСТЕ е фондација на приватна штедилница, според дефиницијата на австрискиот Закон за штедилници.
Органите на Фондацијата ги сочинуваат Управниот одбор, Надзорниот одбор и Асоцијацијата. Асоцијацијата на приватни штедилници, основана во 1819 година, која што има повеќе од 100 членови, ги избира членовите на Надзорниот одбор и го именува претседателот на одборот. Надзорниот одбор ги именува членовите на Управниот одбор и ја контролира работата на Фондацијата. Управниот одбор раководи со работата на Фондацијата и одлучува за распределбата на средствата за финансиски проекти, со помош на Советодавниот одбор кој е составен од меѓународни експерти.
Во 2012 година Фондацијата ЕРСТЕ има околу 35 вработени. За финансирање проекти фондацијата одобрила средства во вкупен износ од 40 милиони евра, во периодот од своето основање во 2003 година до крајот на 2010 година.[2] Во текот на овој период вкупниот број проекти кои ги спровела или поддржала фондацијата ЕРСТЕ е 548, а 110 од нив биле пријавени на конкурсите. Околу 80% од годишниот буџет на Фондацијата ЕРСТЕ се вложува во проекти кои се спроведуваат во рамките на трите програми: Општествен развој, Култура и Европа. Останатите 20% од средствата се грантови што се одобруваат на непрофитни организации за финансирање на нивни проекти.[3]
Основана во 2007 година, Библиотеката на Фондацијата ЕРСТЕ собира литература што е издадена во најголема мера на англиски и на германски јазик. Содржи приближно 5000 наслови и 35 периодични списанија (2012). Темите ги опфаќаат областите уметност, теорија на медиумите и историја, малцинства и родова рамноправност, теорија на културата и културна политика, економски и политички развој, општествено претприемништво и банкарство. Географски збирката е фокусирана на регионот на Централна и Југоисточна Европа. Библиотеката е отворена за јавноста. Збирката може да се погледне во просториите на Фондацијата со закажување.