Дејан Јовељиќ (Бијелина, 7 август 1999) - српски фудбалер кој моментално игра за екипата на Лос Анџелес Галакси.[1]
Откако ги минал помладите категории на белградска Црвена ѕвезда, Јовељиќ својот прв професионален договор со клубот го потпишал во 2016 година. Во текот на сезоната 2016/17 тој добил лиценца за да се натпреварува во српската Супер лига. По закрепнувањето од болеста мононуклеоза, Јовељиќ се вклучил во работата со првиот тим на тренерот Владан Милојевиќ, а за сениорскиот тим на екипата на Црвена ѕвезда за прв пат настапил во месец декември 2017 година. Во текот на натпреварите на сезоната 2018/19 настапувал за младинскиот тим на неговиот клуб во младинската лига на УЕФА. Во таа екипа тој бил и во улога на капитен. Во текот на истата сезона, тој настапил на два натпревари од групната фаза на Лигата на шампионите. За екипата на Црвена ѕвезда одиграл вкупно 28 натпревари во сите видови на натпреварувања и постигнал 14 голови.
За време на фудбалски развој, Јовељиќ редовно бил селектиран во помладите репрезентативни возрасти на селекцијата на Србија. Со кадетската репрезентација учествувал на Европското првенство во 2016 година во Азербејџан. Селекторот Горан Ѓоровиќ го вклучил на списокот на младата српска репрезентација за ЕП 2019 година во Италија и Сан Марино.
Како роден во градот Бјелина, Јовељиќ започнал да игра фудбал во локалниот клуб на Слога Јунајтед. На пријателскиот натпревар со екипата на Црвена ѕвезда, бил забележан од тренерот на младинската академија на тој клуб,[2] на чија покана во 2010 година се преселил во Белград.[3] За време на неговата седма сезона во клубот, Јовељиќ настапувал како кадет за младинскиот тим,[4] додека на 16 март 2016 година со екипата Црвена ѕвезда го потпишал својот прв професионален договор.[5]
Малку подоцна, во летото 2016 година, Дејан Јовељиќ бил вклучен во работата на првиот тим под раководство на тренерот Миодраг Божовиќ.[6] Во месец август истата година, на Јовељиќ му била дијагностицирана мононуклеоза,[7] поради што бил приморан да паузира до наредната пролет истата сезона.[8] Во меѓувреме, Јовељиќ бил рангиран помеѓу 60-те најталентирани млади играчи од страна на британскиот Гардијан.[9] По враќањето на теренот до крајот на сезоната настапувал за младинската екипа. Бил еден од кандидатите за престижната награда Златно момче што ја доделувал италијанскиот спортски дневен весник Тутоспорт.[10]
Во средината на 2017 година, Јовељиќ бил претставен помеѓу 10-те најперспективни играчи на екипата на Црвена ѕвезда, според истражувањето на дневниот весник „Ало“.[11] По успешниот период во српската младинска лига, Јовељиќ бил промовиран во официјален член на првиот тим, и тоа како трета опција за напаѓач, веднаш зад Ричмонд Боаки и Александар Пешиќ.[12] Неколку дена подоцна, на 19 септември, Јовељиќ го продолжил договорот со клубот сѐ до 2021 година.[13] За прв пат во протоколот за еден официјален натпревар се нашол на 22 октомври, истата година против екипата на Младост од Лучани.[14] На 10 декември 2017 година Јовељиќ својот прв натпревар го одиграл во сениорска конкуренција. во победата над екипата на Борац од Чачак во натпревар од 21 коло од српската Суперлига за сезоната 2017/18. На тој натпревар влегол во игра на местото на соиграчот Александар Пешиќ во 70 минута од играта.[15] Дејан Јовељиќ за прв пат се нашол во почетниот состав на еден сениорски натпревар на 5 мај 2018 година, кога постигнал два гола во победата од 4:0 над екипата на Спартак од Суботица.[16] На крајот од сезоната, Јовељиќ бил стрелец во победата од 5:1 над составот на Вождовац. Со освојувањето на шампионската титула во српската Суперлига со екипата на Црвена ѕвезда, Јовељиќ го освоил својот прв трофеј во професионалната кариера.[17]
Во летото 2018 година, по освојувањето на шампионската титула со младинскиот тим на Црвена ѕвезда,[18] Јовељиќ ги започнал подготовките со првиот тим.[19] По комплетен подготвителен период со сениорскиот погон на тимот, Јовељиќ добил лиценца за квалификациската рунда на натпреварите за Лигата на шампионите.[20] По двата натпревари со екипата на Спартак од Јурмала во првото коло од квалификациите, тој не бил во составот на клубот. Дејан Јовељиќ се нашол во стартниот состав на отворањето на сезоната 2018/19 во српската Суперлига, против екипата на Динамо од Врање.[21] На тој натпревар го постигнал вториот гол за тимот, во победата од 3:0, по асистенција на соиграчот Лоренцо Ебисилио.[22] Подоцна имал помала минутажа во првиот тим, а откако тимот на Црвена ѕвезда се пласирал во групната фаза од Лигата на шампионите, со тоа и младинската екипа, тој бил прекомандуван во младинскиот дел од екипата. Јовељиќ бил вклучен меѓу лиценцираните играчи за тоа натпреварување.[б 1] Тој го предводел младинскиот тим како капитен, постигнувајќи гол против сите три противнички екипи на соодветната возраст, во групната фаза на тоа натпреварување. Така, тој бил единствениот стрелец во нерешениот натпревар од 1:1 со младинскиот тим на Наполи, односно бил единствен стрелец и во поразите од младинските состави на Париз Сен Жермен и Ливерпул со идентичен резултат од 2:1.[24][25][26] Во меѓувреме постигнал гол во натпреварот од 11 коло од српската Суперлига, против екипата на Земун,[27] како и во шеснаесетфиналето на Купот на Србија, против составот на Динамо, на стадионот „Јумко“ во Врање.[28] Дејан Јовељиќ настапил во младинската Лига на шампиони во 4 коло, односно во возвратниот натпревар против составот на Ливерпул.[29] Настапил и на одложениот натпревар од осминафиналето на Купот на Србија, против екипата на ТСЦ од Бачка Топола, одигран на 21 ноември 2018 година, кога и постигнал гол од пенал, кој претходно и го изнудил.[30] Дејан Јовељиќ својот прв натпревар во Лигата на шампионите во сениорска конкуренција го одиграл во 4 коло од групната фаза, на гостувањето кај составот на Наполи, влегувајќи во игра на местото на соиграчот Никола Стојиљковиќ на почетокот на второто полувреме.[31] Тој настапил и на натпреварот од последното коло, против составот на Париз Сен Жермен, кога на теренот го заменил соиграчот Марко Марин при крајот на натпреварот.[32]
Во 26 коло од домашното првенство, против составот на Земун, Јовељиќ бил стрелец на вториот гол за својот тим, по асистенцијата на Милан Павков, додека подоцна токму Павков го реализирал пеналот што го изнудил Дејан Јовељиќ.[33] Неколку дена подоцна, Дејан го продолжил договорот со клубот со важност до 2023 година, што му гарантирала плата од 100.000 евра годишно.[34] Веднаш потоа, во наредното коло од српската Суперлига, Јовељиќ бил двоен стрелец во победата од 3:0 на гостински терен против екипата на Рад.[35] Тој постигнал гол и против екипата на Младост од Лучани во првиот натпревар од полуфиналето на Купот на Србија, кој Црвена ѕвезда го добила со резултат од 4:1.[36] Тој бил двоен стрелец во победата од 5:0 над екипата на Војводина, на стадионот Караѓорѓе во Нови Сад.[37] Сезоната ја завршил со постигнат гол и со остварена асистенција за Милан Јевтовиќ во победата од 3:0 над екипата на Напредак одКрушевац.[38] Екипата на Црвена ѕвезда малку порано ја одбранила шампионската титула во српската Суперлига, па Јовељиќ по вторпат по ред го освоил златниот медал во тоа натпреварување.[39] На 28 официјални натпревари во дресот на Црвена ѕвезда, Јовељиќ постигнал половина помалку голови од одиграни натпревари, односно постигнал точно 14 голови.[40]
Дејан Јовељиќ на 14 јуни 2019 година ја напуштил екипата на Црвена ѕвезда и потпишал петгодишен договор со составот на Ајнтрахт од Франкфурт.[41] Во новиот клуб прв пат постигнал гол за време на претсезоната, во подготвителниот натпревар во натпревар против составот на Јанг Бојс. Тој го постигнал единствениот гол на тој натпревар во поразот од 5:1.[42] На својот прв официјален натпревар за клубот на Ајнтрахт, во првиот натпревар од второто коло од квалификациите за Лига Европа, Јовељиќ го постигнал решавачкиот гол за победа на својот тим со резултат 2:1, на гостински терен кај составот на Флора од Талин.[43]
По натпреварите одиграни за младата кадетска екипа и за кадетската екипа на Србија, Јовељиќ за прв пат настапил за селекцијата на својата држава до 18 годишна возраст на 15 декември 2015 година. Тоа бил натпревар против селекцијата на Украина.[44] Бидејќи го пропуштил поголемиот дел од наредната година поради болест, тој не настапувал за тој тим сѐ до 20 април 2017 година, кога постигнал гол во победата од 2:0 над репрезентацијата на Узбекистан.[45] Играјќи за репрезентацијата на Србија на таа возраст, Јовељиќ постигнал 6 голови на исто толку натпревари, од кои по два гола имал постигнато на натпреварите против селекциите на Чешка и Франција.[46][47] Првата покана за младинската репрезентација на Србија ја добил од страна на тренерот Милош Велебит на крајот на месец август 2017 година.[48] Откако постигнал два гола во победата над составот на Израел, Јовељиќ бил прогласен за најперспективен играч на меморијалниот турнир Стеван Ќеле Вилотиќ.[49] На крајот на истата година, тој добил покана од тренерот Горан Ѓоровиќ да ѝ се приклучи на младата српска репрезентација на пријателскиот натпревар против репрезентацијата на Катар.[50] Својот прв натпревар за тимот го имал со влегувањето во игра за време на вториот дел од натпреварот, одигран на 17 декември 2017 година.[51] Во месец ноември 2018 година, селекторот Горан Ѓоровиќ го вклучил Јовељиќ на списокот на помладата младинска репрезентација, составена од играчи родени во 1998 година, но и помлади. Дејан Јовељиќ за таа селекција настапувал на натпреварите против селекциите на Црна Гора и Македонија.[52][53][54]
Дејан Јовељиќ бил офанзивен играч висок 180 сантиметри,[55] кој обично настапувал на врвот од нападот, но доколку било потребно можел да игра и како крилен играч. Вниманието на јавноста го привлекол со постигнувањето на победничкиот гол во финалето на „Турнирот на пријателството“ против младинскиот тим на екипата на Динамо од Загреб,[3] односно постигнатиот хет трик против младинскиот состав на екипата на Партизан одигран во спортскиот центар Земунело.[56] Тој како кадет настапувал за категорија која била две години повозрасна од неговата возраст.[57] Во текот на својата последна сезона со статус на младинец, Јовелиќ на 14 натпревари во есенскиот дел на натпреварувањето постигнал вкупно 33 голови.[58] На неколку натпревари тој постигнувал по три или по повеќе голови.[59]
Играјќи во помладите категории на клупско и репрезентативно ниво, Јовељиќ се афирмирал како исклучително ефикасен напаѓач, поради што во медиумите бил опишан како „предатор“, односно „ловец на голови“.[3] Оценет бил како фудбалер кој подеднакво добро ги користел и двете нозе, кој играл солидно со глава и имал висок процент на реализирани пенали.[60] Поради неговиот стил на игра, често го споредувале со аргентинскиот напаѓач Мауро Икарди, односно со неговиот сограѓанин Лука Јовиќ, исто така поранешен играч на екипата на Црвена ѕвезда.[9][58]
Дејан Јовељиќ најпрвин се запишал на Второто економско училиште во Белград, но поради насобраните обврски го напуштил, а потоа завршил приватно училиште во Нови Сад. Во слободното време тој уживал да игра билијард,[61] шах и да составува Рубикова коцка, а неговиот личен рекорд во таа дисциплина е 39 секунди. Иако рано си заминал од дома, Јовељиќ често спомнувал дека неговото семејство му давало голема поддршка во сѐ што правел.[60]
|archive-date=
(help)
|archive-date=
(help)
|archive-date=
(help)
Грешка во наводот: Има ознаки <ref>
за група именувана како „б“, но нема соодветна ознака <references group="б"/>
.