Луј Жаколио е роден на 31 октомври1837 година во Шарол, Франција, во семејството на Жан Клод Жаколио и Франсоа Рено.
Завршил право и во периодот 1865-1869 година работел за Француското Царство, прво како адвокат, а потоа како судија во Чанданагор, Индија, а потоа и во Тахити. Подоцна се вратил во Франција, каде започнал да пишува и прави различни патувања до земјите во Азија и Америка.
На 30 јануари 1867 година во Индија се оженил за Маргарет Феј. Двајцата живееле заедно до нејзината смрт во 1884 година. Тие имале две ќерки - Сузан (1878) и Луиз (1879).
За време на својата работа во Индија тој се запознал детално со историјата на регионот, со многуте легенди, писмени и усни, со живата култура на народите, ги изучувал локалните јазици. Освен тоа тој проучувал и голем број митови опишани во текстови на санскрит. Целиот овој материјал кој го проучувал подоцна го напишал преку своите романи.
Во некои од своите дела писателот развил теорија за исчезнатиот континент во регионот на Индискиот Океан, наречен „Рутас“, и неговата аналогија со мистериозниот континент Атлантида, каде раскажувал за непознатото подземно царство во Хималаите. Тој ја развил хипотезата дека евагелијата од Стариот завет се поврзани со историјата на Индија. Исто така направил и аналогија со животописот за Христос и оној на Кришна. Поради овие негови тврдења тој не се смета за сигурен автор по однос на историските податоци во неговите книги.
Освен на авантуристички романи и патописи, Луј Жаколио е автор на бројни статии за индиската култура. Работел и како градоначалник на Сент Трибо де Вин.
На 16 октомври1886 година во Париз се оженил за 20 години помладата од него Александрин Гросин, со која живеел до својата смрт.
Луј Жаколио починал на 30 октомври1890 година во Сент Трибо де Вин, Франција.