Маргита Стефановиќ | ||
Родена | 1 април 1959 Белград, ФНР Југославија | |
---|---|---|
Починала | 18 септември 2002 Белград, СР Југославија | (возр. 43)
Маргита Маги Стефановиќ (српски: Маргита Маги Стефановић, Белград, 1 април 1959 — Белград, 18 септември 2002) била српска музичарка, најпозната како членка на рок-групата „Екатарина Велика“.
Маргита Стефановиќ е родена како единствено дете на српскиот театарски и ТВ-режисер Славољуб Стефановиќ Раваси. Средното музичко училиште го завршила во класата со Иво Погорелиќ со кого земала приватни часови кај рускиот професор Тимикин. Како апсолутен слухист и, покрај Погорелиќ, најталентирана во класата, таа добила понуда да го продолжи образованието на московскиот конзерваториум. Сепак, таа ја одбила понудата и се определила да студира архитектура во Белград, а дипломирала во 1984 година. Како студент ја освоила третата награда на меѓународниот конкурс во Јапонија за својот труд на тема „Уредување на црногорското село Режевиќи". Истовремено, таа била една од најталентираните класични пијанисти.
Последните години од животот, Маргита Стефановиќ ги поминала во белградскиот Центар за сместување бездомници, а умрела на 18 септември 2002 година на белградската Инфективна клиника.
Пресвртот во музичката определба на Стефановиќ се случил по посетата на концертот на штотуку формираната група на Милан Младеновиќ „Катарина II“ во кино-салата „Топчидерска ѕвезда“. На 1 мај 1982 година, таа ги запознала членовите на групата „Електрични оргазам“, а преку нив и Милан Младеновиќ. Младеновиќ, фасциниран од нејзиниот талент и желбата за истражување, ја поканил да ѝ се придружи на неговата група, а истовремено ѝ купил синтисајзер на кој таа почнала да вежба. По враќањето од тримесечното патување низ Јужна Америка, Маргита Стефановиќ станала постојана членка на групата.
Во 1985 година, „Катарина II“ го променила името во „Екатарина Велика“ и била активна до 1994 година. Во тој период, Маргита Стефановиќ компонирала и театарска музика (за претставите „Класен непријател“, „Три сестри“, „Од онаа страна на виножитото“ и „Мајка храброст“), телевизиска музика (за драмата „Сини, сини“), работела како музички продуцент (на групата „Карлови Вари“) и гостувала на албумите на многу југословенски групи („Бејби Кејт“, „Елвис Ј. Куртовиќ“, „Ван Гог“, „Бабе“). Во 1985 година се појавила во филмот на Горан Марковиќ „Тајванска канаста“ во улогата на сестрата на главниот јунак. Исто така, во филму се појавува и групата „ЕКВ“ со песната „Тату“.
По распадот на „Екатарина Велика“ Стефановиќ продолжила да се занимава со музика. Кон крајот на 1994 година, со неколку белградски музичари, таа ја формирала групата „Курајбери“ која изведувала обработки на странски и домашни хитови по белградските клубови. Во 1995 година, таа ја формирала групата „EQV“ заедно со музичарот Владимиром Стоиќ и го објавила ЦД-носачот „Ти си сав мој бол“ (наречен по песната на „Екатарина Велика“) за виенската музичка куќа „Coop Arts & Crafts Unlimited“. Во тој период, таа продолжила да гостува и на албумите и на концертите на неколку југословенски групи, а одвреме-навреме свирела со групите „Глисерси“, „Зион банда“ и „Директори“. Кон крајот на 1990-тите, нејзината музичка активност опаѓала. Во 2002 година ја компонирала музиката за претставата на белградската режисерка Хајдана Балетиќ „Капутот на мртвиот човек“, што било нејзиното последно музичко дело.