Крушоради Αχλάδα | |
---|---|
Црквата „Св. Спиридон“ во Крушоради | |
Координати: 40°51.68′N 21°36.81′E / 40.86133° СГШ; 21.61350° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Западна Македонија |
Округ | Лерин |
Општина | Лерин |
Општ. единица | Овчарани |
Надм. вис. | 730 м |
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 271 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Крушоради — село во Леринско, Егејска Македонија, денес во општината Лерин на Леринскиот округ во Западна Македонија, Грција. Населението брои 271 жител (2011). Сè до 1940-тите селото било исклучиво македонско, но поради теророт и иселувањето, денес тие се малцинство, а мнозинството го сочинуваат колонисти од Епир.[2]
Селото се наоѓа во источниот дел на Леринско Поле, на северозападните падини на Кајмакчалан, на надморска височина од 730 м.[2] Во непосредна близина на Крушоради е границата со Р Македонија. Низ Крушоради тече Стара Река, во мала котлина меѓу планините Старков Гроб од север и Мала Ниџе од исток.
Двете соседни села Јуруково (Јурко) и Горно Крушоради традиционално се сметаат за маала на Крушоради. Горно Крушоради било Горно, сегашното Крушоради било Средно, а Јуруково било Долно Маало.[2] Со тек на времето, селото станало чифлик на турскиот бег Феин и така останале долго време, освен Јуруково, кое успеало да си го откупи имотот.[3]
За ова сведочи Христо Силјанов во 1902 г.:
Крушоради има три маала. Двете се чифлици со беговска кула, кехаи и пазачи Арнаути, а третото, наречено и Јуруко, е нешто како одделно село со триесетина куќи.[4]
Преданијата велат дека првобитното населено место всушност било утврдената населба Крушовград понасевер од денешното село, во денешната месност Грамада. Месноста е така наречена поради купиштата големи грамадни камења кои опстоиле како сведоштво од некогашната тврдина.[3]
Во XV век за селото Крушовец, Костурско по име се заведени 36 глави на домаќинства.[5] Во даночните регистри на немуслиманското население на Леринскиот волает од 1626-1627 г. селото се води како Крушорад со 61 домаќинства.[6] Во 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович го води Крушораде како македонско село.[7][8] Според „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ во 1873 г. Крушово (Krouchovo) има 40 домаќинства со вкупно 115 жители, Македонци.[9][10]
Во 1899 г. во Крушоради е втемелена Македонската организација под раководство на Крсте Канзуров, Атанас Балов, Филип Гоговчев и Ѕоле Весов - Кардако.[3]
На почетокот на XX век Крушоради се води како чисто македонско село во Леринската каза. Во 1900 г. според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во Крушоради (Горно и Средно) живееле 650, а во Јурук (Јуруково) — 216 Македонци[9] христијани.[11] На почетокот на XX век целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Крушоради се води како чисто македонско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 77 куќи.[12]
Жителите на Крушоради зеле масовно учество во Илинденското востание во организација и под раководство на учителката Ката Неданчева.[3]
По податоците на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. селото имало 760 Македонци[9].[13] Милоевиќ го води со 60 македонски куќи.[2]
Со Букурешкиот договор во 1913 г. селото е припоено кон грчката држава, кога имало 606 жители (без Јуруково).[2] Во 1920 г. селото имало 573 жители,[2] а во 1926 г. е преименувано во Ахлада,[14] што е буквален превод
Во меѓувоениот период, 40 жители на селото се иселиле во прекуокеанските земји, некои од нив повлекувајќи ги своите семејства.[2] Во Втората светска војна и за време на Граѓанската војна селото дало преку 50 жртви, од кои дури 43 активни борци.[2] Поради големиот терор врз населението, од Крушоради побегнале 114 семејства, некои во Р Македонија, а некои во источноевропските земји, па така во сталото останале само 30 семејства. На место на иселените жители, грчките власти населиле колонисти од Епир, кои ја приграбиле земјата на пребегнатите Македонци.[2]
Наведеното население во државните пописи обично се однесува на Горно и Средно Крушоради. Пописите од 1951 и 1961 г. ги опфаќаат и жителите на Јуруково (Долно Крушоради.[2] Горно Крушоради се брои како посебно населено место дури во поново време. Големото намалување на населението дошло со иселувањето на населението во странство и поголемите градски центри.[2]
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 967 | 361 | 534 | 240 | 313 | 305 | 301 | 271 |
Селото припаѓа на општинската единица Овчарани со седиште во Неокази, која припаѓа на поголемата општина Лерин, во округот Лерин. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Крушоради, каде спаѓаат и селата Горно Крушоради и Јуруково. Целиот општински оддел традиционално се сметал за едно село со три маала.
Населението на Крушоради се занимава претежно со сточарство и земјоделство, а во непосредна близина рудникот за лигнит, отворен во 1927 г., во кој работат дел од селаните.[2]
|issn=
(help).
|