Малина Попиванова

Малина Попиванова во периодот на школувањето

Малина Попиванова (Кочани, 7 април 1902 - Тјумењ, СССР, 19 јули 1954) — истакната македонска комунистка.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Во револуционерното движење се вклучува многу млада, уште за време на школувањето. Во 1919 година е затворена од страна на бугарската полиција за време на демонстрации во Софија. Заедно со неа се затворени и другите членови на семејството Попиванови, родителите и браќата Иван и Цеко.

Во КПЈ е примена кон крајот на 1920 година и својата прва партиска активност ја има во Белград. Тука останува до средината на 1921 година и студира фармакологија. Потоа револуционерната активност ја продолжува во Скопје каде останува до 1924 г. Додека е во Скопје е активен член на Културно-уметничкото друштво „Абрашевиќ“.

Есента 1924 година, по налог на ЦК КПЈ заминува на школување во СССР и станува првата Македонка која ќе дојде во Советскиот Сојуз во партиска школа, односно во Комунистичкиот универзитет „Свердлов“, кој го завршува во 1928 г.

Во насока на справување со фракционерските борби во КПЈ, Коминтерната во пролетта 1928 година испраќа повеќе проверени комунисти во Југославија, меѓу кои е и Попиванова. Таа добива задача да работи прво во Загреб, а потоа во Далмација, која била центар на левата фракција во КПЈ.[1]

Малина Попиванова во 1940 година

Во ноември 1928 г. Малина Попиванова како делегат учествува на Четвртиот конгрес на КПЈ во Дрезден, заедно со Кочо Рацин, и на конгресот е избрана за член на ЦК КПЈ,[2] со што станува првата Македонка на највисока позиција во КПЈ. По конгресот се враќа во Загреб, но поради болест, во 1929 г. емигрира во СССР каде продолжува да живее и работи под името Елена Николаевна Галкина. Од есента 1929 година е предавач на Комунистичкиот универзитет за националните малцинства на Западот (КУНМЗ). Кон крајот на 1929 учествува во справувањето со противниците на линијата на Коминтерната во југословенскиот сектор на КУНМЗ.[3] Предава на КУНМЗ до декември 1932 година, кога е испратена на организациска работа, прво во Москва, а од октомври 1933 година во Омската област. Оттаму, во 1935 година е испратена во Червишево, Тјумењска област.

Во 1937 година, во екот на Сталиновите чистки е исклучена од СКП(б), а потоа е и затворена. Во 1939 година е ослободена од обвиненијата и се населува во Тјумењ. Таму останува до крајот на животот, работејќи како наставник по историја на педагошка школа. Пред крајот на животот повторно е примена во членство на партијата. Умира во 1954 година.

На 28 ноември 1963 со одлука на Воениот колегиум на Врховниот суд на СССР, заедно со својот татко Стефан политички е рехабилитирана и заведена како Македонка. Овој податок е земен од формуларот-прашалник што таа го пополнила во 1932 година кога барала лична карта на Советскиот Сојуз, каде во рубриката „националност“ напишала - Македонка.[4]

Во чест и спомен на големата револуционерка, едно од основните училишта во Кочани го носи нејзиното име.

  1. Кузман Георгиевски, Саша Маркус „Македонската револуционерка Малина Попиванова“, „Студентски збор“, Скопје, 1985, 63-64 стр.
  2. Мито Станисавлевиќ, „На Четвртиот конгрес на КПЈ во Дрезден“
  3. Георгиевски, Маркус, цит. дело, 81 стр.
  4. Бане Чадиковски „Семејството Поп Иванови и неговата револуционерна дејност во периодот меѓу двете војни“ во „Кочани и Кочанско во НОВ 1941-1945 “, Кочани, 1985, 87-97 стр.