Мешеишта — село во Општина Дебрца. Селото се наоѓа на петнаесеттина километри оддалеченост од Охрид и Струга. Во периодот 1996 - 2004 година, Мешеишта било главно населено место на поранешната истоимена општина, која била споена со Општина Дебрца.
Атарот на селото Мешеишта е сместен во просторот на Охридско-Струшката котлина. Селото претставува административен дел на Општината Дебрца (според новата територијална поделба), иако тоа не припаѓа на географската област Дебрца. Се простира во подножјето на огранците на Плакенска Планина, која заедно со огранците на планината Караорман го одделува од областа Дебрца. Вкупната површина на селото изнесува 2.437,1 ха.
Селото се наоѓа на надморска височина од 752 м. и во негова непосредна близина се наоѓаат висовите Орлово Гнездо (1126 м.), Стојанец (1130 м.) и Корита (1271 м.). Рамничарскиот дел на атарот му припаѓа на просторот Велјо Поле.
Гранично административни простори на мешеишкиот атар се атарите на селата Волино, Требеништа и Ливоишта од јужната страна, Сирула од источната страна, Злести и Ботун од северната страна, и Климештани, Корошишта и Ливада од западната страна.
Сообраќајните врски се поволни имајќи го предвид фактот што селото се протега на регионалниот пат што ги поврзува Охрид и Струга, и, преку Кичево и Скопје, со меѓународниот пат кон останатиот дел од светот.
Котлинскиот простор на Мешеишта е ограден со планински страни и висови. Самата надморска височина (752 м.) покажува дека се наоѓа во планински простор кој претставува јужна огранка на Шарскиот планински систем. Тоа значи дека се работи за младо копно.
Настанокот се врзува за олиго-миоценски движења познати како Алпска орогенеза, а му припаѓаат на јужното Алпско орогено стебло. Оклоните планини се издигнати од синклиналната Тетида. Така издигнатите простори подлегнале на процесот на раседнување. Долж таквите раседи се спушта и Охридската котлина во која е сместен атарот на селото Мешеишта. Раседните линии во котлината се простираат по источната страна од Љубаништа кон Косел, по западната страна е Струшко-Старовскиот расед и низ централниот дел е Копарничко-Наумовскиот расед. Во непосредна близина на источната раседна линија, која се простира средоземно, се наоѓа оваа населба, со што зазема положба на изразена сеизмичност. Тоа не е одделно од сеизмичноста на Охридската котлина која што е и денес активна, но микролокацијата на Мешеишта зборува за нужност од водење сметка за овој геотектонски елемент.
По спуштањето, басенот влегол во езерска фаза во која постоеле два залива на неогеното езеро. Наслагите на езерските седименти во овие заливи се од плиоценска старост, а постојат и плеистоценски седименти. Просторот на Мешеишта бил дел на езерскиот залив, односно езерото го покривало овој простор во плиоцен и плеистоцен. По исполнувањето со вода настанал стадиум на интензивна ерозија на брановите. Абразивните подови и тераси, се забележани на различни висoчини од 720 до 1080 м. кб., што зборува дека овој простор бил под влијание на овие егзотени процеси.
Од флувно-денудационите појави треба да се истакнат планините. Тие настанале со таложење на наносниот материјал од преминот на планина во котлина. Вакви појави се присутни на четири места во непосредна близина на Мешеишта. Скорешната ерозија, во облик на урвини и буици, во голема мера е санирана 1960-тите години, преку пошумување на голите планински простори со црн бор, така што тие не се појави од континуелен карактер на овој простор.
Мешеишта се одликува со богата историја. Најстарото археолошко наоѓалиште во околината на селото е месноста Св. Илија, каде што се пронајдени остатоци од постарото железно време (XII-XI п.н.е.). На ова место се наоѓа мала, еднокорабна манастирска црква, која е посветена на св. пророк Илија.
Според некои сознанија, старото име на Мешеишта било Дабово. Иако не постојат посебни истражувања за потеклото на денешното име на селото, најверојатно тоа е изведено од турскиот збор за даб - „меше“, што оди во прилог на претпоставката за старото име. Инаку, името на селото за првпат се сретнува во турскиот попис на Охридската каза од 1582 год., и тоа како Мешевиште.[2]
За време на турското ропство, Мешеишта ја делело судбината на останатите македонски села. На пример, забележано е дека во летото 1902 год., во селото влегла разбојничката чета (од 400 души) на Билјал Баланца, која го опљачкало селото, убивајќи неколку селани.[3]
Жителите на Мешеишта активно учествувале во подготовките на Илинденското востание, под водството на војводата Никола П. Русински, кој уште во 1901 год. го користел во селото како база за организирање на револуционерната активност во струшкиот крај. Притоа, забележано е дека учителот Гурко Савинов бил секретар на комитетот во Мешеишта.[4]
За време на Првата светска војна, Мешеишта било окупирано од бугарската војска.
Жителите на Мешеишта, исто така, учествувале во Народно-ослоботилната војна, при што селото било ослободено на 29 август1944 год.[5]
Уште во дамнешни времиња, Мешеишта имало големо стопанско значење за охридскиот крај. Така, во турските документи е запишано дека уште во 1491 год., во селото имало 6 воденици во посед на вакуфите.[6] Исто така, во турскиот попис од 1582 г. е забележано дека селото било најголем производител на ‘рж во Охридската каза, со род од 1000 товари (150 тони). Исто така, во селото имало 312 свињи, со што тоа било на второ место во Охридската каза.[7]
Денес, најзастапени стопански гранки во Мешеишта се: земјоделството (пченица, грав, пченка, пиперки, домати итн.), лозарството и овоштарството (јаболка, круши, сливи итн.).
Во селото работи приватното претпријатие Мелница и пекарница „Илинче“, кое е основано во 1990 год. и денес покрива околу 40% од пазарот во охридско-струшкиот регион.[8]
Според податоците од турскиот попис на Охридската каза од 1582 г., Мешеишта имало 56 христијански семејства, 3 самци, т.е. 283 христијански жители и 12 муслимански семејства и 1 самец, т.е 61 муслиман, односно вкупно 344 жители. Со тоа, Мешеишта било едно од поголемите села т.е. тоа било седмо по големина во целата Охридска нахија (која ги вклучувала и струшките села).[9] Подоцна, во извештајот што австрискиот вице-конзул Крал го испратил во Виена во 1898 год. се вели дека Мешеишта имало 914 жители, сите Македонци, со што тоа било второ по големина село во охридско.[10]
Притоа, во овој попис се споменати и конкретни жители од селото: Така, во него е забележано дека 9 христијански баштини (имоти) преминале во турски раце, и тоа баштината на Неделко преминала во Дервиш Солак, а потоа кај спахијата Хусеин; баштината на Ѓорѓо преминала кај Дервиш Хусеин, а потоа кај спахијата Хусеин; баштината на Радослав кај спахијата Кучи; баштината на Пејо кај јаничарот Хизир, апотоа кај јаничарот Сулејман; баштината на Петко прво преминала кај Михаил Величко, а потоа кај јаничарот Мустафа; баштината на Димитри преминала прво кај јаничарот Сејди, а потоа кај Синан гуламшахи (царски слуга), додека Добре, син на Петко, приграбил две баштини од селото.[11]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Мемеишча е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 119 куќи.[14]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.250 Македонци.[15]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 779 жители.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 599 жители, од кои 570 Македонци, 1 Србин и 28 лица без податоци.[16]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Доселеници:Санџаковци (1 к.) доселени се од Струга.[21]
Истражување во 1979 година
— Стиснете на [прикажи] —
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1977 година, родови во селото се
Доселеници:Цељаковци (24 к.), Крцовци (25 к.) и Тупанчевци (8 к.) потекнуваат од тројца браќа. Цељак, Крцко и Тупанче. Доселени се од дебарското село Папрадник. Во родот Цељаковци се знае следното родословие: Анѓеле (жив на 54 г. во 1977 година) Стојан-Ненад-?-Цељак, кој се доселил во селото околу 1840та година; Калановци (28 к.) доселени се од некое село Каланово кај Елбасан во Албанија; Аврамовци (12 к.) доселени се од селото Љубаништа крај Охридското Езеро; Николовци (25 к.) доселени се од некогашното село Брезница, во мешеишкиот атар, на планина; Ѓурчевци (9 к.) и Алексиовци (8 к.) деленици се од претходниот род; Јончевци (22 к.) доселени се од пустото село Копрница. Лежело во планинскиот дел на Мешеишта. Го знаат следното родословие: Крстан (жив на 70 г. во 1977 година) Јаќим-Крстан-Јонче, кој се доселил. Тоа било околу 1850 година.
Доселеници и непознто потекло:Аврамовци, не се знае точно нивното потекло. Некои претпоставуваат дека се доселени од Црна Гора. Постои погрешнo искажување дека се доселени од селото Љубаништа, но тоа се должи на тоа што жената на некој дамнешен предок била од селото Љубаништа, и поради тоа што жители од овој род работеле кај манастирот Св. Наум; Алексиовци, од исто потекло со нив се и Торомановци и Мацковци. Доселени се од сега раселеното село Мацково кај Црвена Вода; Бујаровци, не се знае ништо за нивното потекло; Бушиновци, доселени се од селото Волино; Војдановци (Пискуловци), доселени се од селото Селци кај Струга. До почетокот на XIX век тие имале куќи на местото Дулеј Куќи; Глигуровци, доселени се од селото Нерези во дебарски Дримкол; Ецковци, доселени се од селото Ливада кај Струга; Калановци (Николевци,Ристовци, Упевци и Поповци), потекнуваат од кичевскиот крај. Пред да се доселат во селото Мешеишта, живееле во старото село Сатеска (Старо Село); Калевци (Николовци), доселени се од раселениот град Закамен во струшка Малесија; Караѓулевци, не се знае дали се староседелци, или пак доселени од Охрид (од тамошниот род Караѓулевци); Карамешиновци (Чорбевци, Димовци, Дујмаковци), не се знае од каде се точно доселени. Некои велат дека се доселени од Црна Гора, а други од Дебарско; Ковачевци, тие се доселени од некоја населба во Голо Брдо, а таму велат дека дошле од Црна Гора; Кузмановци, доселени се од Горна Дебрца (од Сливово или Врбјани); Мазенковци, со непознато потекло; Мицковци (Нечковци, Полкаповци и Тутуревци), со непознато потекло. По женска линија нивното потекло е од селото Лешани; Николовци, нема податоци за нивното потекло; Перовци, доселени се од раселеното село Радомирово кај Песочани; Радичовци (Јончевци, Балтовци) доселени се од селото Климештани. А дали таму се доселиле однекаде не се знае; Секуловци (Ѓоревци, Ѓеоргиевци и Тололевци) доселени се од струшкото село Корошишта. Од таму се иселиле во Големо Црско, па некој предок од таму преминал во Мешеишта. Најверојатно биле од старата населба Црско; Србиновци, доселени се од Дебрца. Родови со исто име има во Издеглавје и Велмеј. Најверојатно се од некое од овие две села; Стојовци, со непознато потекло; Стрезовци, доселени се од Кичевско. Порано биле еден род со Калановци. Некои претпоставуваат дека имаат уште подалечно потекло од Албанија; Тодоровци (Поповци), доселени се од селото Дренок во Голо Брдо. Од Тодоровци се издвоиле Сукловци кои се преселиле во селото Белчишта; Трпчевци, имаат исто потекло со Стрезовци и Калановци; Тупанчевци, доселени се од селото Волино; Ќулуковци, доселени се од некогашното село Закамен во струшка Малесија; Целаковци (Крцковци), за нивното потекло има две верзии. Според првата доселени се од некое село Ивани (Горно Иванско селиште), а според втората порано живееле во раселеното село Сатеска (Старо Село); Шајновци, според преданието они се доселени од Илино кај Демир Хисар. Имаат иселеници во Оздолени; Шулевци, нивното потекло е од некогашното село Катуништа во Дебрца (помеѓу Оздолени и Белчишта); Тодоровци, најмлади доселеници. Доселени се во 1952 година од селото Присовјани во струшка Малесија. Подалечно потекло имале од Закамен.[22]
Зачетоците на образованието во Мешеишта датираат во 1889-1890 год., кога е отворено егзархиско училиште[24] и, оттогаш, во селото постојано се изведувала настава. Подоцна, во периодот 1912-1915 год., во селото работело српско школо со две паралелки и двајца учитела.[25] Наставата на мајчин јазик започнала да се изведува по Втората светска војна, при што прв учител бил Михаило Пљакоски од Охрид.
Денес, во Мешеишта работи подрачното училиште во состав на ОУ Дебрца од с. Белчишта. Во подрачното училиште во Мешеишта се изведува настава од I-IX одделение. Има 6 училници, 1 канцеларија, кабинет по информатика. Дворот е асфалтиран, и има одбележани спортски терени, така што учениците имаат можност за реализирање на часовите по физичко и здравствено образование. Инаку, училишната зграда е солидна, реновирана со донација на УСАИД, МОН и Општина Дебрца во 2008 год.[26]
Во минатото, Мешеишта претставувало административен дел од општините Охрид и Струга, додека со територијалната поделба од 1996 год., селото стана седиште на новоформираната општина Мешеишта. Подоцна, во 2004 год. општината Мешеишта е укината, т.е. присоединета кон општината Дебрца.[27]
Во селото постојар избирачките места бр. 1347 и 1349 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште и з.з "славеј"[28]
Во центарот на селото има споменик на паднатите борци од Илинденската епоха и од Народноослободителната војна.
Во Мешеишта се наоѓа големата црква „Св. Петар и Павле“, чии царски двери датираат од XVII век, а се изработени од непознат зограф, кој веројатно е автор и на иконата на архангел Михаил.[30] Во близина на селото се наоѓа малата, еднокорабна црква Св. Илија.
Како селска слава на Мешеишта е големиот празник Петровден. Исто така, во црквичката Св. Илија се слави празникот Илинден, а во селото се слават и другите позначајни верски празници.
Во селото дејствува културно-уметничкото друштво „Св. апостоли Петар и Павле“.
Исто така, почнувајќи од 1975 год., секоја година се одржува турнирот во мал фудбал „Петровден“ - Мешеишта.[33]
Науме Радически (1953-2014) — македонски писател, критичар, есеистичар, преведувач, редовен професор на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет во Скопје, истражувач на македонската книжевна и културна историја, прв главен уредник на списанието „Македоника"[34] и член на Друштвото на писателите на Македонија;
Илија Митрев Ковачески - роден во 1928 година. Доброволно стапува во НОБ во август 1944 година. Како борец на Петнаесеттата македонска бригада тешко е ранет во борбите со балистите кај Зајас,кичевско. Пренесен во битолската болница каде подлегнува на раните во декември 1944 година.[36]
Панде Јосифов Калески - роден во 1925 година. Во НОБ доброволно стапува на 12 декември 1944 година. Како борец на Втората македонска ударна бригада загинува на Сремски фронт кај Стара Пазова во април 1945 година.[36]
Ристо Димков Бушиноски - роден во 1926 година. Доброволно стапува во НОБ на 10 август 1944 година. Како борец на Првата македонска ударна бригада учествува на Сремски фронт и се загубува во борбите на 19 април 1945 година.[36]
Спасе Матев Аврамоски - роден во 1924 година. Организирн во младинско-воспитна група работи за движењето од почетокот на 1944 година. Како борец на Втората македонска ударна бригада загинува на Сремски фронт кај Стриживојна на 16 април 1945 година.[36]
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑Охрид и охридско низ историјата (книга втора), стр. 322.
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
↑Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑ 36,036,136,236,3Охрид и охридско во борбата против фашизмот. ЗБОРНИК на паднатите борци во народно-ослободителната борба и револуција и жртвите на фашистичкиот терор во Охрид и охридско 1941-1945 година. Охрид. 1976.